Веќе десетина денови вработените и учениците од ООУ Благој Кирков сериозно се ангажираат околу подготовките за претстојното Државно првенство во кошарка – женски за основно образование, кое ќе се одржува на 22, 23 и 24 Март во спортската сала на основно училиште. Организираноста во училиштето и соработката со Сојуз на спортови е на завидно ниво, се подготвуваат покани, плакати, се варосува, бојадисува, чисти и уредува спортската сала и се прават подготовки за прифаќање и сместување на гостите – натпреварувачи. Петте најдобро пласирани кошаркарски женски екипи од основните училишта, кои се од различни делови на Македонија: Скопје, Пробиштип, Гостивар и Битола ќе учествуваат на ова првенство и ќе бидат гости во ова училиште, а ќе бидат прифатени и од учениците од основните училишта на град Велес. На ова Државно првенство ќе учествува и кошаркарската женска екипа на домаќинот ООУ Благој Кирков и целокупно како спортска манифестација истото се очекува да биде потпомогнато од општината и од неколку реномирани фирми од градот, а воедно да има натпреварувачки и забавен карактер.
„Се надеваме дека спортскиот дух ќе ја наполни спортската сала на ООУ Благој Кирков и ќе предизвика интерес меѓу учениците и вљубениците во кошарката, а нашиот град ќе биде претставен во најдобро светло!”, рече м-р Македонка Виларова директор на ООУ Благој Кирков.
Превземено од www.lisica.mk