Џудо

Историски гледано џудото како и другите боречки вештини на  далечниот исток (карате, аикидо) настанало од бројните школи на џиу – џицу кои во Јапонија се пренесени од Кина. Настанокот на џудото секако е врзан за името на Џигоро Кано кој е роден 1860 година во малиот приморски град Кобе. Заедно со своето семејство се преселил во Токио во 1871 година, а тоа е всушност година кога стапува во сила царската одредба со која им се забранувало носење сабји на самураите. Тоа било време кога во Јапонија се случувале многу револуционерни промени кои на овој начин, посредно или непосредно, влијаеле врз создавањето на џудото. Во тоа време младиот Џигоро се запишува на Царскиот Универзитет, каде што за прв пат се запознава со овие древни боречки вештини. Инаку по својата конструкција бил многу низок и доста нежен така што често бил исмејуван од страна на своите другари. Како резултат на тоа, а благодарение на огромната волја со која располагал, младиот Кано почнал да вежба џиу – џицу кај во тоа време познатите мајстори Фукуде и Матеман Исе. Истовремено на неговиот развој големо влијание има и мајсторот Ихикубо од Кито школата, која негувала различен стил од претходните два мајстори, кој на Кано му буди мисла за пронаоѓање нов пат со кој ќе се победи грубоста.
Откако дипломирал економски и правни науки, Кано во 1881 година во малиот храм Ешо отвора сопствена школа која ја нарекува “школа на еднаквите”. Во меѓувреме Кано уште ги посетува познатите мајстори а истовремено добива и многубројни признанија, меѓу кои и признание лично од директорот на Кито школата. Продолжувајќи да ги проучува методите и на другите школи и пред се носејќи во себе огромна желба успева да оформи еден ефикасен систем на борење кој првенствено ќе му служи на “малиот човек”-физички послабиот, систем, кој ќе го карактеризира хуманост и многу помалку суровост.
Како резултат на неговата долготрајна работа и анализирање, со тоа и голем чекор кон остварување на неговата замисла, беше формирањето на Кодокан (1882 година) што се зема како година за настанокот на џудо вештината. Своите предности кодокан-џудото ги регистрира веќе за четири години, поточно во 1886 година кога на еден организиран натпревар учениците на кодокан извојувале доста победи над припадниците на џиу-џицу, и што е интересно победувале на доста лесен начин и без поголеми грубости и повреди. Затоа можеме да кажеме дека џудото е природна вештина која не е ниту мистична ниту опасна. Со други зборови џудото има за цел да не научи како на максимално ефикасен начин да ја искористиме и насочиме менталната и физичка енергија. Зборот “Џудо” е составен од два дела (џу-до) при што првиот дел значи “нежен” или “благ”, и вториот дел значи “пат” или “начин”. Од минатото па до денес за Џудото можеме да кажеме дека бележи благ но постојан подем. За релативно кратко време Џудото доживеа светска експанзија најпрво како составен дел од обуката на припадниците на полицијата и војската, а подоцна како спорт и рекреација.
Имено по посетата на Џигоро Кано на Европа во 1928 година се дефинираат правилата на спортската борба во џудо, а додека во 1934 година е одржан првиот шампионат за џудо во Европа.
Во 1964 година џудото за првпат влезе во програмата на Олимписките игри во Токио, со што е исполнета и последната желба на Џигоро Кано.
Што се однесува до натпреварите за жени во џудо во 1975 година е одржано првото светско првенство за жени а во 1992 година натпреварувањето во џудо за жени станува дел од Олимписките игри.

ШТО Е  ЏУДО
Џудото е омилено за сите генерации. Можете да видите луѓе од сите возрасти од шест п а се до преку осумдесет години, и луѓе од секакви професии, националности и полови кои уживаат во џудото преку Кодокан. Сите имаат свои цели. Некои сакат да бидат силни, некои да бидат здрави, некои да го зацврстат умот, некои сакаат да го ценат пријатното чувство после потење, некои сакаат да бидат способни да се бранат, некои сакаат да станат инструктори по Џудо, а некои се веќе посветени во тренирањето други. Зошто Џудото привлекува луѓе од различни возрасти и луѓе со толку различни цели? Професорот Кано го создаде Џудото од Џиу-џицу за да го научи големиот принцип на хуманист а не само да се научи ваза. Тој ја именува тренирачката институција  ”Кодокан”. Зборот ”Кодо” значи да научиш, да го докажеш и да го вежбаш принципот.
Фактот што Проф. Кано го именува Џудото како Кодокан Џудо ни покажува како ги создал принципите и како си поставил за цел во животот да научи. Професорот Кано рече дека целта на Џудото е да го зацврсти телото преку вежбање напад и одбрана, да се комплетира личноста преку комплетирање на умот, и за крај да се посвети себеси на општеството.  Професорот Кано  ги покажува принципите и идеалите на Џудото:” Максимална ефикасност” и ” Заедничка добивка и благосостојба”.

ПОВАЖНИ ДАТУМИ ВО ИСТОРИЈАТА НА  ЏУДОТО
1882 –  Основан е Кодокан Институтот;
1889 –  Џигоро Кано ја посетува Европа и Америка и одржува  предавања за Џудо;
1901 –  Во Европа за прв пат е прикажан Џудо, за време на една  циркуска претстава;
1906 –  Во Европа пристигнуваат првите емисари Кодокан Институтот, најпрво во Германија, а потоа и во другите земји;
1924 –  Се основаат првите национални сојузи на Германија и Италија;
1927 –  Во Франкфурт се формира првата меѓународна школа  за Џудо, на која главни предавачи биле познати јапонски инструктори;
1928 –  По посетат на Џигоро Кано на Европа, се дефинираат правилата на спортската борба во Џудо;
1934 –  Во Дрезден, Германија е одржан првиот  шампионат на Европа во пет тежински категории;
1938 –  По враќањето од Каиро, каде учествуваше на состанокот по повод подготовките за Олимписките игри, Џигоро Кано умира. По неговата смрт директор на Кодокан Институтот станува Ризе Кано, син на Џигоро Кано;
1948 –  Формирана е Европската Џудо-унија, со што почнува широка активност на полето на популаризацијата на Џудо во Европа;
1951 –  Од оваа година па натаму се одржуваат европски првенства;
1956 –  Одржано е Првото светско првенство;
1958 –  Во Токио изградена е новата зграда на Кодокан Институтот покрај Каракуен паркот;
1961 –  На третото светско првенство, кое се одржа во Париз, јапонските натпреварувачи кои дотогаш неприкосновено доминираа на светската сцена првпат беа поразени од Холанѓанецот Антон Гесинг. Тој успеа да победи тројца најдобри јапонски натпреварувачи;
1962 –  Формирана е Меѓународна Џудо-унија. За нејзин претседател е избран Ризе Кано;
1964 –  Џудото за првпат влезе во програмата на Олимписките игри во Токио. Со тоа беше исполнета и последната желба на Џигоро Кано;
1964 –  На Олимписките игри во Токио, Антон Гесинг успеа да го повтори триумфот од светското првенство во Париз, и стана олимписки победник во апсолутна конкуренција;
1965 –  На конгресот на Светската Џудо-унија, за првпат на чело на Џудо доаѓа еден европеец, англичанецот Чарлс Палмер  кој беше избран за нејзин претседател;
1967 –  Антон Гесинг се повлекува непоразен;
1974 –  Правилата на спортската борба доживуваат своја еволуција односно се усвојуваат нови правила;
1975 –  Се одржува првото светско првенство за жени;
1992 –  Натпреварувањето во Џудо за жени станува дел од Олимписките игри.

ЏУДОТО ВО МАКЕДОНИЈА
Во Македонија џудо спортот се појавува есента 1962 година по заслуга на инѓ. Коста Икономовски, кој со џудото се запознава за време на студиите во Загреб. Младината пројавува голем интерес за овој боречки спорт и од Скопје се пренесува во Битола, Велес и Прилеп, а потоа и во други градови во Македонија. После малата стагнација поради земјотресот во Скопје (1963), особено брз и масовен подем на џудо спортот во Македонија дојде после 1966 година. Првото званично првенство на Македонија во поединечна и екипна конкуренција се одржа 1967 година. Истата година македонските џудисти, како репрезентација на Македонија, настапија и на Екипното првенство на поранешна Југославија, во состав: Диме Соколовски, Т. Лазаров, Сејдо Теофиловски и Атанас Кајчевски. Македонските џудисти во наредниот период за релативно кратко време постигнаа забележителни резултати во многу силната конкуренција во поранешна Југославија, меѓу кои особено се истакнаа Јаневски Звонко и Фетаху Мустафа. Во тој период повеќе македонски џудисти се стекнаа со мајсторски појаси – ДАН. Најуспешен џудо клуб во тој период беше ”Вардар” – Скопје, кој во сезоната 1969/1970 г. се натпреваруваше и во Сојузната џуди лига – источна група. По осамостојувањето на Република Македонија, Џудо Федерацијата на Македонија примена е во полноправно членство во Европската Џудо Унија (Никозија – Кипар), 1994 година, и Меѓународната Џудо Федерација (Салзбург – Австрија), 1996 година. Во последните години, македонските џудисти во состав на државната репрезентација, учествувајќи на званичните првенства (Европски и Балкански) постигнуваат се подобри резултати.

 

 

проф. Ангелче Гушев

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

Download Premium Magento Themes Free | download premium wordpress themes free | giay nam dep | giay luoi nam | giay nam cong so | giay cao got nu | giay the thao nu