Уште пред стартот на Игрите, британската престолнина си обезбеди место во историјата како прв град, кој три пати од постоењето на модерното олимписко движење бил домаќин на најголемиот собир на спортистите од целава планета. Но, во изминативе две недели со своите постигнувања на борилиштата во Лондон неколку спортисти влегоа во аналите на Олимписките Игри. Американскиот пливач, Мајкл Фелпс со шест трофеи од кои четири злата успеа да стигне до вкупна бројка од 22 трофеи кои ги освои на настапите на последните три Олимпијади. Со оваа бројка тој го надмина постигнувањето на советската гимнастичарка, Лариса Латинина, која до Лондон беше водечка на вечната листа на 18 медали. Најбрзиот човек на планетава, Усаин Болт стана првиот атлетичар, кој во трките на 100 и 200 метри и штафетата четири пати по 100 метри освојува златен медал во сите три дисциплини. Спортистите од Соединетите Американски Држави по четврти едноподруго пат се најтрофејната нација на Игрите. Тие на листата на медали суверено се на чело од Олимпијадата во Атланта во 1996 година. Спортистите од оваа земја во Лондон освоија вкупно 110 медали од кои 36 злата. Американците можеа да освојат и повеќе трофеи, но разочараа пред се во боксот, каде за прв пат во поновата историја сите натпреварувачи од оваа земја, настапот го завршија уште во четврт-финалето и останаа без ниту еден медал. Домашните натпреварувачи, максимално ја искористија предноста на домашниот терен. Британците стигнаа до рекорден број на медали на една Олимпијада. Тие во Лондон освоија вкупно 47 медали од кои 19 злата. Македонија беше застапена со четири спортисти, единствен, кој го исполни ветеното пред патот за Лондон беше атлетичарот, Кристијан Ефремов, кој во трката на 400 метри трчаше подобро од својот личен рекорд додека останатите Симона Маринова, Марко Блажевски и Христина Ристеска забележаа послаби резултати и беа далеку од битката за висок пласман. Во Лондон се затвора уште едно поглавје во спортската историја, а веќе од утре почнува да се пишува новото. За прв пат во модерната ера на олимпизмот, Игрите ќе се одржат на тлото на Јужна Америка, а домаќин ќе биде Рио де Жанеиро.
проф. Ангелче Гушев