Тестирањата и мерењата во спортот се средства преку кои се прибираат информации со помош на кои се планираат идните активности. Тие се неопходни при програмирањето на тренажниот процес. Константното напредување на учениците и спортистите е незамисливо без овие активности и затоа таквите информации се многу важни и значајни за секој наставник, тренер и сл. Резултатите од тестирањата содржат големи количини на податоци за она што се случило во минатото, колу и со која динамика ученикот или спортистот напредувал, каде направил грешка и сл.
Целокупниот процес на тестирање и мерење се одвива во шест фази:
– избор на карактеристики кои треба да се тестираат и мерат
– избор на конкретни тестови или методи на мерења
– собирање и евидентирање на добиените резултати
– анализа на резултатите
– донесување на одлуки
– извршување на донесените одлуки
Во реализацијата на споменатите фази, потребно е да бидат вклучени и учениците, спортистите, а посебно во анализата на донесување на одлуки.
Што е потребно за еден тест ?
Во изборот на тестот треба да бидеме сигурни во следното, а тоа е да тој биде објективен (да има реални резултати), да е валиден (да ја постигнува целта на тестирањето) и да е одржлив ( да има можност за постојано повторување). При изборот треба да се земе во предвид следното:
– секој тест треба да мери еден фактор
– тестот не треба да бара техничка обученост ( единствено ако тестот се користи за проценка на техниката)
– треба да бидете сигурни дека испитаникот ве разбира што од него очекувате, што се мери и зошто се мери
– процедурата на тестот треба да биде строго стандардизирана во поглед на водењето на евиденцијата, организацијата и условите на изведба
Придобивки од тестирањето
Резултатите од тестирањето се користат за:
– предвидувања за идни резултати
– укажување на слабости
– мерење на подобрувањата
– контрола на успешноста на тренажниот процес
– поделба на учениците или спортистите во конкретни тренажни групи
– мотивација на учениците и спортистите
– задоволување на потребите од информираност за резултатите и напредувањето
Фактори кои може да влијаат на резултатите на тестот:
– температурата и влажноста на воздухот
– должината на времето кое ученикот или спортистот го има отспиено пред реализацијата на тестот
– емоционалната состојба на ученикот или пак спортистот
– лекарствата кои спортистот евентуално ги има користено
– делот од денот во кој се врши тестирањето
– коефеинот кои што евентуално ученикот или пак спортистот го има консумирано
– времето од последниот оброк
– опкружувањето во кое се тестира испитаникот
– мотивираноста и искреноста на ученикот или пак спортистот
Принципи на тестирањето:
– пред реализација на тестот, задолжително лесно загревање со аеробни вежби, пратени со истегнување на сите големи мускулни групи
– ако се реализираат повеќе тестови, прво се реализираат кратките и експлозивни тестови
– тестирањето треба да се реализира на еднаков идентичен начин
– да се настојува тестирањата да се реализираат во ист дел од денот
– да се користи иста опрема
– мерењата да ги врши исто лице
– да му се објасни на испитаникот во целост тестот на мерење, а ако е потребно и да му се демонстрира
проф. Ангелче Гушев