При работата со карта во просторија немора да се врши ориентирање на истата. Меѓутоа, ориентирањето на картата како и ориентацијата во просторот со помош на карта е неминовно. За поцелосно согледување на постапките при практична работа посебно се разработени ориентацијата на картата, одредувањето на стојалишните точки и движењето со помош на карта.
Ориентирање на карта
Да се ориентира карта значи да се постави така да страните на светот на картата се поклопат соодветните страни на светот во природата, односно правецот на меридијанските линии да биде насочен во правец на географскиот север во природата. На тој начин се постигнува:
– сите правци во однос на некоја стојна точка да се поклопуваат со соодветните правци на земјиштето,
– сите останати правци на карта треба да бидат паралелни со соодветните правци во природата,
– взаемниот распоред на сите знаци на картата да биде сличен со соодветниот елементи во природата и
– во натамошната работа картата може да служи како средство на ориентација, за регистрирање на нови објекти и сл.
Ориентацијата на карта во зависност од условите на работа може да се изврши на следниве начини:
– според линиските објекти на земјиштето прикажано со соодветни условни знаци,
– според правците од стојалишната точка спрема познати релјефни облици и објекти,
– според карактеристичните линии во релјефот на земјиштето,
– со помош на компас,
– според небески тела,
Ориентација на карта според линиите на картата и на земјиштето. Ориентацијата се врши кога стојната точка од каде се ориентира картата на некој линиски објект (или во негованепосредна близина). Притоа катата се поставува во хоризонтална положба и се врти додека правецот на соодветната линија на картата не се поклопи со истата линија во природата но така што се води сметка за споредување на околната содржина за да не се погреши за 180о.
Ориентацијата на карта според правците од стојна точка кон познати објекти на земјиштето. Се врши кога на карта лесно се идентификуваат некои објекти на пример раскрсница, мост, возвишение и сл. Во овој случај постапката за ориентирање на карта е следна:
– се идентификува стојна точка со споредување на содржината од картата со околното земјиште,
– се уочуваат некој оддалечни објекти и се идентификуваат на карта,
– покрај стојната точка и топографскиот знак за идентификуваниот објект на карта се поставува лењир, бусола
– се врти картата а со лењирот се нишани на соодветен објект во природата,
– по потреба заради контрола се врши истата постапка и за некој друг идентификува објект.
Ориентација на карта според карактеристични линии од релјефот на земјиштето. Овој начин на ориентирање на карта е сл. со претходниот, но за негова посоодветна примена потребно е релјефот да е прикажан со изохипси како би можело истиот да се идентификува посоодветно. Во таа смисла најчесто се употребуваат водоразделни линии, водосливници и сл. Во случаите кога се движиме вдолж гребените низ вододелницата (спуштање) картата се врти хоризонтално се додека не се доведе во положба испакнатите делови на изохипсите да бидат во правец на движењето. Ако движењето е во спротивен правец (искачување) испакнувањето на изохипсите треба да се свртени спротивно на правецот на движење. Кога станува збор за движење низ водосливница испакнатите делови мора да се кон нас, а во спротивно кога се движиме нагоре по водосливница испакнатите делови од вовлечените изохипси да бидат во правец на нашето движење.Ваквиот начин на ориентација на картата се применува многу често иако истиот во литературата не се обработува посебно.
проф. Ангелче Гушев