Од фудбал до куглање, од тенис до одбојка, стотици топки со различна големина и материјал се користат од спортистите и навивачите ширум светот во разни игри. За да си ја претставиме големината и важноста на топката, треба да се сетиме само на последното светско првенство во фудбал, одржано во јуни 2010 година во Јужна Африка. Па, сепак, веројатно мал број луѓе знаат дека топката како главно орудие во игрите и натпреварите има историја стара илјадници години. Ако погледнеме во Хомеровата „Одисеја“, ќе откриеме дека во 9 век п.н.е. се играло со топка. Тоа го правела Наусикаја, ќерката на кралот Феачан Алкиној, на чиј остров се насукал бродот на Одисеј. Како што тврди италијанскиот археолог Еухенио Салц Пирн Рикоти, граматичарката Аталис, која живеела на островот Керкери (денешен Крф) во 2 век п.н.е., откривањето на топката ѝ го припишува на Наусикаја.
На островот исто така се наоѓаат и сведоштва за постоењето на топката на предметите од керамика кои потекнуваат од 9 и 10 век п.н.е. Некои стари топки пронајдени се меѓу предметите кои античките Грци ги користеле како обредни дарови за боговите.Такви се, на пример, глинените топки, богато украсени со мотиви на црвени мрежи, кои се чуваат во историскиот музеј во Базел.
Омилена игра кај старите Грци била харпастум, игра која се играла со мала и тешка топка, исполнета со волна. Се играло на големи игралишта, а учествувале две екипи на играчи чија задача била топката да ја пренесат од својот на крајот на противничкиот терен. Средбите најчесто изобилувале со жестоки борби, дури и со публика.
Човек наместо коњ
Меѓутоа, харпастумот не е единствениот облик на топка кој го знаеле жителите на античка Грција, па дури ниту единствената игра. Постоела и паганија која била малку поголема од харпастумот и многу полесна бидејќи била полнета со перја. Се користела во таканаречените женски игри кои вообичаено биле проследени со музика, песни и танци. Последната позната топка била фолис или фоликулус, чие пронаоѓање му се припишува на наполитанецот Атика, личен тренер на Помпеј Велики (106-48 година п.н.е.), иако некои научници сметаат дека постоела и претходно. Тоа била топка со средна големина исполнета со воздух за да отскокнува од земја. Оваа топка може да се види на цртеж на дното на винска чаша која е изложена во музеј во италијанскиот град Анкона. На цртежот јасно се гледа фолисот како црна топка украсена со црвени фигури.
Останатите артефакти за постоење игри со топка се амфориОстанатите артефакти за постоење игри со топка се амфорите. На нив се прикажани луѓе кои играат со топка слична на харапастот и истиот стап кој денес се користи во хокеј на мраз.
Постоеле игри во кои играчите си ја додавале топката еден на друг сè додека едниот од нив не ја испушти. Понекогаш се играло и така што учесниците ги носеле соиграчите на грб. Тоа било посебно поло во кое човекот го заменил коњот.
Харпастумот, како мошне позната и омилена игра, стигнала и до Рим, каде што доживеал голем успех. Играта го променила името во пулверулентус, што на латински значи прашина, бидејќи се играло на подлога која потсетувала на денешната подлога за тенис. Мотивираноста за новото име бил фактот што со секое отскокнување на топката од земја се подигнувал огромен облак прашина. Ја играле и легионерите како дел од обуката. Римјаните играле и тригон, за која користеле мала исполнета топка. Како што кажува и самото име, играта е со три играчи кои се поставени во некој вид триаголник.
Исфрлете ја флејтата
Меѓутоа, во минатото играта со топка не била исклучиво римска и грчка придобивка. Меѓу првите кои играле со топка биле и Кинезите, кои тврдат дека токму нивен пронајдок е најважната споредна работа на светот, фудбалот. Археолошките истражувања упатуваат на големи камени топки, познати како шикивуа, и глинени таокија, двете уште од времето на неолитот. Во натписот на династијата Шанг (1600-1046 година п.н.е.) се наоѓа идеограм на кој е прикажана топка која се обидуваат да ја совладаат неколку пара стапала. Постои и документ за тоа како владетелот Чин Шуанг им наредува на своите поданици да ги остават флејтите и апречоните и наместо да свират, да се забавуваат така што ќе шутираат голема топка.
Обичајот цују, што буквално значи клоцање топка, е практикуван и во дворските свечености и во игрите. Толкувачот на династијата Хан, Јан Шигу, наведува дека ју е целиот направен од штавена кожа и исполнет со различни материјали, нагласувајќи дека се шутира само поради забава. Според филологот Лиу Сијангу, цују потекнува од работничкиот речник. Подоцна, во текот на времето на Асука (552-719 г.), цују се појавува во Јапонија под името кемари.
Кошарката пред Колумбо
кај претколумбиските народи во Средна Америка, игрите со топка биле широко распространетиОд другата страна на Атлантскиот океан, кај претколумбиските народи во Средна Америка, игрите со топка биле широко распространети. Топката имала голема улога во обредите, а се користела дури и при жртвувањето луѓе. На својот долг пат од три илјади години, топката се развила во различни облици, во зависност од местото на потекло. Не се знае точно од каде и од кога потекнува играта со топка, но е многу веројатно дека во тропските предели постоела и пред 1400 година п.н.е. Оваа претпоставка се заснова на фактот дека во овие предели расте дрвото каучук кое е користено за изработка на топки. Тоа го потврдуваат и најдените статуи со мотиви на древни играчи. Овде луѓето поинаку си играле со топката. Ги користеле само рацете, најчесто подлактиците и помагала во вид на рекети и стапови. Топката се правела од гума, се полнела со каучук и тежела до 4 килограми. Целта била топката да се задржи што е можно подолго во игра, притоа одбивајќи ја од камените ѕидови со кои бил ограден теренот. После тоа од страните се додале камени кругови низ кои требало да помине топката, па оваа игра многу потсетувала на кошарка.
Играта со топка станала омилена кај сите народи, од двете страни на Атлантскиот океан, така што до крајот на средниот век се проширила низ цела Европа. Без оглед на тежината и големината, начинот на игра, со рака или нога, со помош на стап или рекет, многу современи игри – како крикет, тенис или пелот – водат потекло од древните игри со гумени топки. Кога е фудбалот во прашање, играта каква што ние денес ја знаеме долго го чекала својот конечен облик. Дури во 19 век во Шефилд, во Англија, Натаниел Кресквик на 24 октомври 1857 година го основал првиот фудбалски тим во историјата. Првиот фудбалски сојуз настанал шест години подоцна, а во 1888 година се случило и првото англиско првенство. За помалку од 150 години фудбалот станал најважната споредна работа на светот.
Најпознати видови топки
Безбол
Големина: 7,5 см
Тежина: 142 г.
Кошарка
Големина: од 23 до 34,8 см
Тежина: 510-650 г.
Билијард
Големина: 5,2 см
Тежина: 200 г.
Куглање
Големина: 9-11 см
Тежина: 7,25 кг.
Фудбал
Големина: 21,6-22,3 см
Тежина: 410-450 г.
Крикет
Големина: 22,9 см
Тежина: 155,9-163 г.
Фитнес
Големина: 75 см
Тежина: 1 кг.
Американски фудбал
Големина: 28 см
Тежина: 425 г.
Голф
Големина: 4,26 см
Тежина: 45,93 г.
Ракомет
Големина: 18,5-19 см
Тежина: 425-475 г.
Ватерполо
Големина: 21,6-22,6 см
Тежина: 400-450 г.
Одбојка
Големина: 22 см
Тежина: 260-280 г.
Пингпонг
Големина: 4 см
Тежина: 2,7 г.
Поло
Големина: 11,5 см
Тежина: 130 г.
Рагби
Големина: 28-30 см
Тежина: 375-425 г.
Сквош
Големина: 4 см
Тежина: 4,05 г.
Тенис
Големина: 6,5-7,5 см
Тежина: 56-59 г.
м-р Ангелче Гушев