На Факултетот за физичко образование, спорт и здравје на 16.10.2015 год. (петок) почеток во 10.00 часот, во преполната спортска сала “Народни Херои” се одржаа два ревијални натпревари во футсал со што и официјално стартуваше проектот “меѓуетничка толеранција” . Проектот е осмислен од Агенцијата за млади и спорт, а во координација со Федерацијата за училишен спорт. Организацијата на ваков вид натпревари се темели на потребата од настани кои имаат за цел промовирање на меѓуетничките односи. На стартот на овој проект свое излагање имаше директорот на Агенцијата за млади и спорт мр Марјан Спасески. “Спортот не познава бариери и има универзална моќ да ги сплотува луѓето. Тој има уникатна моќ да ги промовира позитивните вредности во едно општество и да премине низ сите граници, етнички, верски, социјални или општествени. Со денешниов настан уште еднаш ја потврдуваме таа големина на спортот. На сите вас ви порачувам да се дружите меѓусебно и да функционирате еден со друг, а не еден покрај друг.”- им порача Спасески и потенцираше дека сите се победници, бидејќи ги победиле предрасудите. Учесници беа учениците од средните училишта на “М.М.Брицо“ и македонската паралелка од Спортската академија, а од основците тимот на ОУ “Тефејуз“ од Чаир – турска паралелка и тимот од ОУ “Браќа Миладиновци“ – српска и ромска мешана. Организирањето на спортски настани за промовирање на меѓуетничките односи од овој вид, во следниот период ќе доведе до унапредување и на училишните првенства во мал фудбал, кошарка и другите спортови кои се застапени во училишниот спорт.
Извор: https://www.facebook.com/AMSMacedonia