Под поимот аеробик се подразбираат физички вежби кои се одвиваат во присуство на кислород и траат доволно долго за да ја стимулираат активноста на кардиоваскуларниот и респираторниот систем доведувајќи до одредени промени во организмот. Ваквиот тип на активности придонесува за намалување на времето на опоравок после физичка активност, за редукција на поткожното масно ткиво и подобрување на целокупниот здравствен статус. Овој тип на активности можат да го практикуваат сите старосни групи без оглед на нивото на нивната моментална физичка подготвеност. Аеробните активности треба да траат подолго (15-20 минути или повеќе), а се со низок интензитет на работа (60-80% од максималната срцева фреквенција). Аеробни активности се одењето, трчање, возење велосипед, пливање, активности на подвижна лента, орбитрек, статичен велосипед, како и популарните аеробик часови на кои што се изведуваат вежби по ритамот на музиката кои се составени од поскоци, скокови, чекори во различни правци и насоки, танцови чекори и сето тоа изведувано промена на интензитетот како и амплитудите на движење. Класичните аеробик часови најчесто се комбинација на вежби од аеробик, вежбо за снага и вежби за истегнување. Тренинзите по аеробик придонесуваат за согорување на телесното масно ткиво и ги обликува и тонира (затегнува) мускулите.
Аеробик програмите можеме да ги класифицираме според:
1. НАМЕНАТА: рекреативен аеробик; натпреварувачки аеробик; аеробик чија цел е подготовка на врвните спортисти.
2. УПОТРЕБАТА НА РЕКВИЗИТИ: степ аеробик, аква аеробик, фит-бол аеробик кик аеробик, тае бо, итн.
3. МУЗИКАТА: латино аеробик, фанки аеробик, џез аеробик, етно аеробик, итн.
4. ПОПУЛАЦИЈАТА: аеробик за деца, аеробик за возрасни, аеробик за трудници, аеробик за луѓе со преголема телесна тежина, аеробик за групи на луѓе со одреден инвалидитет.
Творец на аеробикот е Кенет Купер
проф. Ангелче Гушев