Мразот е еден од најдобрите средства за моментален третман на повредите. Ладењето, најчесто со мраз има позитивен резултат за ублажување на краткорочните симптоми кои настануваат после контузија, нагмечувања, исчашувања и слични акутни, често со спортска игра добиени повреди. Физиологијата на делувањето на ладното, односно на мразот, се гледа во вазоконстрикцијата на крвните садови во кожата со што се смалува капиларната порозност и се постигнува ограничување на воспалението и смалување на болката на повредениот дел од телото со снижување на одговорот на рецепторите за болка. Исто така ладењето го смалува и спазмот на мускулите со смалување на преносот на импулси од тетивните рецептори до мускулите, како и оштетувањето на клетките со смалување на нивниот метаболизам. Третманот со ладно најдобро се постигнува со парчиња мраз поставени на широка површина за да се постигне најбрзо ефектот на ладење. Мразот треба да се држи во вреќички за да се избегне директен допир на мразот со кожата и за да се манипулира полесно. Врз повреденото место се става пешкир и мразот се прицврстува со еластичен завој. Прејако стегнување на завојот може да ја загрози крвната циркулација дистално од повредата што би било контрапродуктивно. Мразот треба да се држи најмногу 7 минути и треба да се прави пауза од 10 минути. Тоа е неопходно зошто после 10 минути почнуваат да се појавуваат несакани последици врз ткивото од ладниот ефект. Кожата после претерано долго ладење станува црвена, а пациентот има чувство на болка, топлина и чешање. Тоа е така зошто процесот станува обратен, се јавува вазодилатација, што доведува до болка и оштетување на клетките. Оваа појава се јавува после 15 минути од ставањето на мразот и после неговото отстранување трае уште 3-7 минути. Циклусите од 7+10 минути треба да се повторуваат доколку е потребно до 90 минути, и потоа да се направи пауза од неколку часа, за да се повтори по потреба уште неколку пати во текот на денот.
проф. Ангелче Гушев