За функционален систем на движења на вашето тело , доволно е да знаете колку е тој важен за вашата флексибилност, подвижност и воопшто мускулна функционалност. Со неколку едноставни постапки може да проверете колку сте функционални или е време да интервенирате.
Човековото тело е исклучителен механизам, склоп на физички и психички можности, па и покрај високо развиените медицински технологии за дијагностицирање и проучување, сè уште постојат неразјаснети феномени кои се предизвик за научниците. За физичките предиспозиции на нашето тело многу одговори се наоѓаат примарно во расата, полот, генетиката и секако, возраста. Од друга страна, животниот стил и тоа како ги поминувате деновите, како се храните, како размислувате, во голема мерка влијаат на вашите лични психофизички способности. И така многу често самите ги занемаруваме сопствените можности, оние што ни се природно дадени да бидеме физички активни, да се занимаваме со одредена активност, која само ќе ни го унапреди здравјето.
Можеби ќе се препознаете во ова и ќе почувствувате барем малку грижа на совест дека со „седечкиот˝начин на живот, дури и онаа природна предиспозиција да се биде активен и фит, полека ја намалувате и ја сведувате до ниво на дисфункционалност. На овој начин се јавуваат и одредени патолошки состојби, предизвикани од недостаток или недоволно физичка активност. Најчести проблеми се болки во вратот и грбот, недоволна подвижност на зглобовите, недостаток на психофизичка кондиција, натрупување на стрес, мрзливост. Исто така, одредени движења кои се есенцијални и сте можеле да ги изведувате порано, сега не сте во состојба да ги направите, а истото може да биде навистина фрустрирачки. Наједноставен пример е да го допрете подот со дланките, наведнувајќи се нанапред, без да ги свиткате колената. Едно обично движење може многу да открие за вашата мобилна функционалност.
Човековиот локомоторен (мускулноскелетен) систем ја извршува основната динамичко-кинетичка функција со самото движење, но да бидеме поконкретни, тоа не е доволно за одржување на примарната функција на истиот. Замислете како ја негувате својата кожа, ја пострижувате косата – на истиот начин се одвива и негата за вашиот локомоторен систем, токму преку дополнителната физичка активност. Секако, изборот на кој начин ќе се „погрижите˝да имате здрави коски и мускули, треба да биде во согласност со вашите способности и интереси, без разлика дали ќе возите велосипед, ќе пешачите повеќе, ќе посетувате курс за танц…
Телесните структури со помош на кои се движиме претставуваат комплексни системи на меѓусебно поврзани ткива, како што се коските, тетивите, зглобовите, лигаментите и мускулите. Ако не ја извршуваат основната функција, сосема е нормално е дека по извесно време атрофираат, им се намалува флексибилноста и мобилната способност. Без да замислувате тешки дегенеративни состојби и болести на мускулноскелетен систем, повторно ќе споменам еден едноставен пример, да ви илустрирам колку структурни елементи се активираат, да речеме за едно замавнување со палка за голф. Од позиција на нозете, преку свиткување на колената, извртување на струкот, подигнување и замавнување на рацете! И сето тоа во едно движење! Во ред, ако е голфот пресложен пример, помислете колку мускули се активираат да го подигнете вашето дете и да го сместите во автомобилот, навидум најобично движење, а сепак бара ангажман на голем број мускули и зглобови. Од друга страна пак, во медицинските протоколи за превенција од болести на локомоторниот систем, секогаш вежбањето е прва и основа препорака.
Денеска фитнес и „велнес“ индустриите буквално бомбардираат со најразлични слогани и претежно секогаш алудираат на здравјето. И секако со право. Поаѓајќи од фактот дека на огромен број луѓе здравствената благосостојба е примарна цел, тие се подготвени да „купат˝ буквално сè што ќе им се сервира, од фитнес програми, реквизити, до препарати и „хемии“.
Настрана моќта на маркетингот, повторно би се навратила на науката која го промовира здравјето без да ве форсира да купите велосипед, добри патики, членарина во некој фитнес центар. И покрај фасцинантноста и феномените на способностите и можностите на нашето тело, од невозможни случаи на преживување, па сè до постигнување на натчовечки резултати во спортот, научниците пласираат еден основен систем според кој треба да се раководат луѓето за функционалноста на своето движење. Овој систем се нарекува систем на функционални движења и се базира врз долгогодишни испитувања, мониторинг, експериментирање и иновации. Поради важноста во рехабилитационата медицина, тој е донесен до степен на поседување специфични сертификати кои во одредени области (физиотерапија, кинезиологија, спортска медицина) на професионалците ќе им обезбедат адекватна квалификација да работат според овој систем.
Системот на функционални движења се состои од скрининг на телото и функционалноста на одредени структурни елементи, како лигаментите и мускулите, кои се вклучени во изведувањето на одреден тип на движење, карактеристични за конкретниот спорт. На пример, функционалноста и стабилноста на рамото е од клучно значење за тенис, стабилноста на карлицата како зглобна структура за скијањето, снагата на торзото што ги поврзува рамената и нозете кај велосипедизмот, стабилност на глуждот и карлицата кај трчањето и слично.
Специфичните тренинзи на функционални движења се основен предуслов за постигнување на добри резултати и секако, превенирање на повреди. Да го поедноставиме – овој систем можете да го разгледувате како соодветен начин на тренинг кој ги таргетира оние мускулноскелетни системи кои ќе ја подобрат спортската техника. Илустративно, вежбање на специфични чучнувања во кошарката кои го унапредуваат отскокот кај спортистите.
И покрај големиот број на специфични движења за карактеристични спортови, постои и поедноставен систем на функционални движења кој со едноставни тестови може да биде од голема корист за секој еден кој се рекреира. Важно е да се познава сопствената скала на функционалноста во движењата. Нема потреба да ангажирате специјалисти кои ќе ја проценат, од подолу наведените примери може лесно да заклучите до каде сте. Исто така, оние посложените движења треба да бидат дел од секој тренинг под водство на инструктор. Така на часовите по аеробик или тренинг во теретана, вашиот инструктор треба да ви посочи што конкретно треба да работите за да ја подобрите функционалноста кај одреден дел од телото.
Основните тестови се изведуваат со одредени мерни помагала, како специјални линијари со кои ќе се измери оддалеченоста помеѓу одредени делови на телото, по заземањето на специфична положба. Меѓутоа нивната едноставност дозволува да ги изведете сами и според тоа и самите ќе заклучите колку сте во форма.
Мобилност на рамото
Обидете се да ги споите прстите на рацете позади грбот, така што едната рака ќе ја свиткате над главата, а другата пак оддолу под рамото.
Длабоко чучнување
Застанете и раширете ги нозете во ширина на колковите, рацете подигнете ги над главата, држејќи стап или сукало и во таа положба спуштете се целосно до подот.
Исчекор во линија
Направете исчекор напред, спуштете го задното колено до подот, а потоа исправете се нагоре, задржувајќи ја рамнотежата.
Активно подигнување на ногата
Легнете на подот, испружете ги нозете, рацете се покрај телото и во оваа положба, подигнете една нога без да го свиткувате колено.
Позиција на склек
Спуштете се на подот во добро познатата позиција за изведување на склекови, со тоа што торзото треба да лежи на подот, нозете треба да бидат споени, а рацете на подот на растојание во ширина на рамената, со палците во линија со брадата. Подигнете го телото, задржувајќи го задникот во линија со грбот. При стандардниот склек, телото го спуштате надолу со градните и мускулите на рацете, но овој случај треба да го подигнете телото од подот!
Доколку имате тешкотии да изведете било кој од овие тестови, треба сериозно да размислите во каква функционална кондиција е вашето тело. И покрај едноставноста во изведувањето, овие тестови се комплексни во однос на тоа колку параметри треба да бидат задоволени за да бидат изведени беспрекорно.
Нема потреба да ги познавате законите на биомеханиката за да бидете фит. Доволно е „активно˝ да го почитувате своето тело. Треба да вежбате не само за да бидете здрави, туку и функционални.
м-р Ангелче Гушев