Home / Кондициска подготовка / Поврзаностa меѓу физичкото и психичкото здравје

Поврзаностa меѓу физичкото и психичкото здравје

zdravjeДали постои вистина во изреката „во здраво тело, здрав дух“? Еден од најстарите митови во психологијата е дека нашите умови се одвоени од нашите тела. Но, денес постојат премногу истражувања кои ни покажуваат како нашето психичко здравје е директно под влијание на мозокот и биологијата. Голем дел од ова влијание доаѓа од она што сме го наследиле преку гените, за кое немаме многу голема контрола. Секако, здравата исхрана и вежбањето исто така играат многу важна улога во одржување на здравјето на нашето тело и ум и токму тоа е тоа, над кое секој од нас има целосна контрола.

Храната која ја јадете влијае на вашиот мозок
Вашиот мозок има потреба од здрава исхрана за да функционира најдобро што може. Храната која е потребно да ја консумирате мора да биде богата со карбохидрати (извор на енергија за мозокот), витамини, минерали, протеини (за изградба на нови невротрансмитери) и незаситени масти (посебно омега-3 киселини кои ги подобруваат когнитивните способности). Можете да задоволите голем дел од овие нутрициони потреби така што ќе јадете многу свеж зеленчук, овошје, житарици, квалитетно месо и риба. Психолошките студии покажале дека здравата исхрана која се состои од овој вид на храна, значително го намалува ризикот од психолошки нарушувања како анксиозност и депресија.

Клучна „храна за мозокот“ која мора да ја имате на ум е:
– Риба, јајце, месо од животни кои биле хранети само со трева.

– Бадеми, лешници, ореви…

– Производи од житни растенија

– Многу овошје и зеленчук

– Вода

– Кафе или чај

Вежбањето помага при подобрување на психолошкото здравје и когнитивната способност
Последниве неколку години, научниците успешно докажале дека вежбањето е исто толку важно за нашето психичко здравје како и одржувањето на балансирана исхрана. Една студија покажала дека децата кои не биле физички активни имале понизок академски просек во однос на оние кои редовно вежбале, кај кои се забележало зголемено подобрување на меморијата, вниманието и донесувањето одлуки. Истите резултати биле пронајдени и при тестирање на помлади и постари возрасни луѓе. Според истражувачите, постои цврст доказ дека вежбањето може да биде од корист при голем број извршни функции кои вклучуваат мултитаскинг, планирање и себе-контрола. Вежбањето исто така помага при намалување на ризикот за појава на депресија, бидејќи на тој начин се испуштаат невротрансмитери како ендорфин, серотонин и анандамид, кои се познати по подобрување на расположението и чувствата на задоволство.

Намалете со алкохолот, цигарите и употребата на дрога
Другата страна од нашето физичко и психичко здравје се опасните навики кои вклучуваат претерано консумирање алкохол, цигари и дрога. На многу начини, злоупотребата на овие супстанци претставува наша сопствена ментална болест. Исто така, постои вистина и во тоа дека оние кои се впуштаат во ова однесување, можат понатаму во животот да развијат различни видови мозочни абнормалности и ментални болести како на пример, оштета на мозокот предизвикана од алкохол.Направете разумна одлука да бидете попаметни кога станува збор за дрогата и исфрлете ја целосно од вашиот живот. Што се однесува до алкохолот и пушењето, ако не можеме да ве убедиме во спротивното, барем обидете се да бидете повнимателни и посвесни за нивното влијание на вашето тело, бидејќи како и сѐ останато што внесувате во вашиот организам и тие ќе влијаат на некој начин врз вашиот мозок и психичкото здравје.

проф. Ангелче Гушев

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*