Агенцијата за млади и спорт во соработка со Министертсвото за образование и наука, како и градот Куманово се организатори на државните натпревари за средношколци, “Гимназијада Куманово 2016”, која ќе се одржи од 5-7 мај 2016 год.
Станува збор за 10 по ред гимназијада на која ќе земат учество околу 1000 средношколци, кои своите спортски умешности ќе ги покажат во 5 колективни и еден промотивен спорт, додека од индивидуалните спортови ќе биде застапена атлетиката.
Со одржувањето на 10-тата по ред ”Гимназијада” во Куманово, на едно место се собираат најуспешните средношколски екипи во ракомет, кошарка, мал фудбал, фудбал, одбојка, атлетика и промотивни спортови. Евидентно е дека на секоја наредна „Гимназијада“ настапуваат се подобро подготвени ученици и екипи, се детектираат нови и уште поголеми спортски таленти, затоа што значително се подобруваат и условите за спорт и спортски активности.
Најуспешните и најистакнатите учесници и годинава ќе бидат наградени со учество на летните кампови во времетраење од 7 дена, кои ќе бидат организирани по завршувањето на натпреварите.
Имајќи го предвид стратешкото значење во развојот на спортот, неговиот придонес за антрополошкиот развој на младата генерација и неговата позитивна улога во борбата против пороците, Агенцијата за млади и спорт како државна институција посветува големо внимание во развојот на училишниот спорт. Основните предуслови за успешно функционирање на училишниот спорт се стручниот кадар, спортските објекти и интересот на учениците за спортување и натпреварување. Како национален дом кој се грижи за развој на спортот секоја година одвоени се околу 6 милиони денари за реализација на програмите на Федерацијата за училишен спорт на Македонија.
м-р Ангелче Гушев
.