Кога зборуваме за спортување или пак за кинезиолошка рекреација и кога ги наведуваме сите позитивни страни на активниот спортски живот, мора да ги знаеме и да споменеме помалку и за неубавата страна на вежбањето – повредите. Тие можат да бидат чести, но можат и да се избегнат. Секако, ова немојте да го сфатите толку сериозно, па од пусти страв да не се повредите од спортска рекреација, ќе одберете: а) одење во обложувалница; б) навивање пред ТВ; в)претплата на еуроспорт или г)се од горенаведеното. Во секој случај не се плашете, со правилен пристап кон сите спортски активности, можете да ги избегнете непријатностите предизвикани со физичка активност. И ова секако подеднакво важи и за почетниците, а и за оние со поголем „кинезиолошко рекреациски стаж”. Голем дел од рекреативците, и покрај некои поситни, таканаречени микро повреди кои предизвикуваат и хронични болки, едноставно не се „предаваат” и не се откажуваат од својата доза на спорт. Но, шегата на страна, и тоа е еден момент на кој треба да обрнете внимание – сепак по секоја цена не треба да влегувате во сала. Понекогаш и најмалите болки ако не се третираат можат да доведат до сериозни компликации. Па, ако ви се советува мирување, не паметувајте, туку едноставно одморете. Многу често се случува, рекреативци-ветерани да се преценат во сопствената физичка подготвеност и да „претераат”, мислејќи дека и после подолг временски период пасивност, сè уште се фит. Или, пак, рекреативци кои кога влегуваат во сала и се однесуваат по принцип на „веднаш и сега”. Ама , за жал, не оди тоа така. Нашето тело не е машина и немаме копче “on” и “off“. Спортските повреди се многу чести, скоро секојдневна појава. И покрај препораките на тренерите и физиотерапевтите, специјалистите по спортска медицина имаат полни раце работа. Понекогаш и сосема мали повреди ако не се дијагностицираат на време и не се третираат, доведуваат до сериозни проблеми кои, понекогаш, единствен начин да се отстранат е хируршкиот. Секоја невообичаена болка при изведувањето на физичката активност треба да ја пријавите, прво кај својот инструктор, а подоцна ако има потреба, треба да се консултирате и со доктор. Занемарувањето или игнорирањето нема да ве направи суперхерој кој ќе истрпи сè во име на спортскиот дух, само може да ви ја влоши состојбата.Денешната спортска медицина класифицира најразлични повреди кои се почести за одреден тип на спортови, затоа што одредени движења можат да доведат и до специфични повреди. Меѓу најнепредвидливите се контактните и тимските спортови, во кои едноставно не може да се предвиди што може да се предизвика од трето лице, па колку и да бидете внимателни. Како и да е, бенефициите од кинезиолошкото рекреирање се далеку поголеми од ризиците од повреди. Во ваша полза ви приложувам неколку совети кои треба да ги имате на ум и можете да се препуштите на спортските задоволства.
Консултирајте лекар: Особено ако имате проблеми со срцето, претходни повреди на р’бетот, бременост и друго. Лекарот може да ви сугерира во колкава мера и како да вежбате.
Полека зголемувајте го времето и интензитетот на тренингот: Многу почетници се полни со ентузијазам и „запнуваат”со јако темпо многу брзо.
Разговарајте со стручно лице:Ако не знаете што е најдобро за вашето тело и не знаете како да стартувате, можеби неколку почетни персонални тренинзи ќе ве насочат кон вистинскиот тренинг.
Загревање и ладење(истегнување)пред и после секој тренинг: Ова е веќе толку јасно и многу пати кажано, што треба да ви биде една неодминлива рутина. Нема тренинг без загревање и истегнување – точка.
Не вежбајте гладни: Ова не значи дека треба со полн стомак да се појавите на тренинг или да возите велосипед, пливате, што и да е. Оставете простор барем 2 часа од оброкот пред да почнете со вежбање.
Внесувајте вода: Исто како и за храната, напијте се околу пола литар вода 2 часа пред вежбање и секако за време на вежбањето надоместете ги изгубените течности, но во мали голтки.
Разговарајте совашето тело: Секоја остра болка, слабост, главоболка што ќе се појави за време на вежбањето, не ја занемарувајте. Тоа е сигнал дека можеби нешто не правите како што треба и игнорирањето на истата може да доведе до хронични и акутни состојби на болка, повреда и слично.
Земете здив: Дајте си време за одмор. Ако тренирате со јак интензитет подолго време, може да се доведете до состојба на „претренираност“. На телото му е потребен одмор, правете паузи и по неколку денови, ако е потребно. И трудете се да наспиете.
„Крос“ тренинг: Со цел да ја разбиете монотонијата и механичкото повторување на вежбите, променете нешто во својот тренинг. Така ќе избегнете и замор на одредени мускулни групи. „Крос“ тренингот ви овозможува комплетно вежбање.
Облечете се соодветно: Настрана задолжителната опрема за одредени спортови (кациги, штитници, ракавици…), за секоја спортска активност ви се неопходни добри патики, облека што ќе ве заштити од прекумерно потење или загревање и премногу влага. Особено внимавајте како се облекувате доколку се рекреирате во зимски услови.
ova e navistina mnogu tocno mi pomogna mnogu me bolese glavata i trcav i odmami pomina mn sum srekna aaaaaaaaaaa alallala pozz od cuci kiki kristinkaa