Куглање

Куглање на девет кегли или познато како класично куглање е спортска игра која е различна од американската варијанта уште наречена bowling. Таа постои во Нов Зеланд, Филипини, Аргентина во помали рамки, а особено е популарна во Германија како и во  Франција, Италија, Австрија, Данска, Шведска, Естонија, Полска, Швајцарија, Чешка, Словачка, Унгарија, Романија, Словенија,  Хрватска, Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Македонија, а Каталонија е примена како самостојна федерација во рамките на  светската кугларска организација на девет кегли.

Правила
Куглање се игра со помош на кугла која треба да се упати до кеглите и да ги сруши. Целта е да се срушат сите девет или што  повеќе од нив. Во поглед на теренот за игра правилата се стандардни. Стандардната кугла е тешка 2,85 килограми со дијаметар од  160 милиметри додека помладите категории користат помали кугли. Должината на патеката е долга 19,5 метри а широка 1,2 метри. Натпреварот содржи четири пати по 30 фрлања на различни патеки кои играчите меѓусебно ги менуваат. Настапот на секоја патека пак  е поделен на два дела и тоа игра на полни и на чистење.

Историја
Играта куглање датира уште пред нашата ера а податоци за древно куглање се пронајдени во Египет. Варијантата со девет кегли била долго време основна а популарна и во САД но со законот донесен во триесеттите години од страна на американската влада спортот е забранет заради нелегално обложување. Сепак луѓето нашле начин како да ја заобиколат таа одлука па додале кегла плус со што настанало денешното куглање на десет кегли. Во Америка освен во некои рурални делови на Тексас каде официјално сѐ уште постои во рекреативни рамки, не се практикува  класичниот стил. Експанзија доживува во Европа особено по педесетите години на 20. век, а денес најактивна во тој поглед е  Германија која има илјадници регистрирани играчи. Таа воедно е една од најуспешните земји на светските првенства во овој спорт.

Куглањето во Македонија
Во Македонија играта постои од 1977 година кога е официјално регистриран првиот играч, иако натпревари се практикуваат и неколку  години порано (Од 1974) во кугларницата “Мусандра“ во Скопје на рекреативно ниво. Првите регистрирани клубови се Вардар,  Металург, Сини, ФАС, Метропол, Работнички, Парк, 22. Декември, Пелагонија, Алумина, Макпетрол, Металец итн. Во склоп на повеќето  кугларски клубови има и женски членови, па со тоа и самите колективи имаат и женски екипи под истото име. Во тој период Скопје е  единствениот центар на куглањето, но подоцна се градат кугларници ширум Македонија, и тоа Велес, Битола, Струга, Штип, Тетово,  Охрид, Маврово и Ресен. Денес се кугла единствено во Скопје (кугларница Мусандра), Битола (кугларница Атлантик) и Струга (кугларница хотел Дрим) иако во  поголемите градови имало и повеќе од една кугларница. Во моментов во Македонија постојат три активни кугларници каде тренираат нешто повеќе од стотина регистрирани играчи. Од нив само десетина се девојки. Сите играчи се групирани во неколку клубови кои активно се натпреваруваат во првата македонска лига.  Најуспешен клуб во самостојна Македонија е Вардар, а моментален шампион е Макпетрол веќе деветта година по ред. Сите екипи кои  се натпреваруваат во МКЛ се: 18 август Адинг, ГТЦ,Макпетрол, Окта, Пелистер, Работнички, Тутунски комбинат Скопје, Борис Трајковски (жени). Женска лига во Македонија не постои повеќе од една деценија. Во поединечна конкуренција, секоја година Македонија одбира државен првак. Актуелен државен првак е Владимир Даниловски, играч  на „ГТЦ Скопје“, а кај девојките, Мери Јанева од екипата на „Борис Трајковски“ (во моментот кога стана првак, сега настапува за  новоформираната екипа „Борис Трајковски“).

 

 

 

проф. Ангелче Гушев

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*