Home / Колективни спортови / Сложеноста на ракометната игра

Сложеноста на ракометната игра

Од стручна гледна точка, ракометот е доста сложена игра и потребно е да различни техничко-тактички елементи на оваа игра да се вклопат во една целина, а со тоа би се појавиле и квалитетните резултати. Ракометот во минатото можеше да се остварува и реализира само преку талентот на играчите, но во денешни услови во современиот ракомет имаме области кои се препокриваат: теоријата и праксата, но и истражувачката работа во ракометот која е неопходна за врвни резултати. Ова ситуација веќе не е само теоретски преставена туку тоа е прав пример кои се случува со репрезентацијата на Франција. Во западно европските држави голем тренд во развојот на голем број на практични делови од ракометната игра се на многу високо ниво отколку кај нас. Ова ни дава одговор на прашањето дали кај нас стручната работа со истражувачката работа во ракометот е на задоволително ниво и дали тие одат заедно една покрај друга. Одговорот е не. Досегашните модели на работа во тренажниот процес, па и совладувањето на техничко – тактичките елементи на ракометната игра се исцрпени па и застарени, па затоа неопходно е поставување на нови модели на работа каде што покрај практичната работа и теоријата, паралено ќе се одвива и истражувачката работа.
Покрај истражувачката работа која што стана неминовност во ракометната игра многу важен елемент е и создавањето на тимскиот дух. Создавањето на овој феномен во ракометната игра доаѓа со многу стрплива и темелна работа со играчите, каде што многу значаен момент е индивидуалниот тренинг, психолошкиот надзор, биомеханиката имплементирана во ракометниот спорт и педагошката работа со играчите како индивидуално така и во колективна форма. Репрезентација која што во моментов има јак тимски и дух е екипа за пример е репрезентацијата на Република словенија.
Стручниот кадар и нивото на стручната работа е на многу ниско ниво. Голем придонес во едукацијата на ракометните кадри во Македонија дава Здружението на ракометни тренери на Македонија, кое што треба да се поддржува во неговата работа затоа што создава едуцирани кадри за работа со млади кадри но кадри и за работа со првите екипи. Нивото на импровизација веќе треба да се надмине.. Како што создавањето на еден квалитетен играч е доста комплексен процес, така и создавањето на еден добар тренер со сите негови квалификации исто така е долгорочен процес. И на крај само со тимска работа и создавање на квалитетно едуцирани стручњаци, едуцирани низ кадровски школи и проекти може да се создадат нови успеси и услови во ракометната игра.
И за крај, напредокот на ракометната игра, треба да започне од основното образование со мобилизирање и “скаутирање“ на млади и надежни ракометни потенцијали кои ќе започната да ја совладуваат ракометната игра преку училишниот спорт. Создавањето и формирањето на училишните спортски клубови се добар темел за развоја на ракометната игра, но со поддршка од државните институции во смисла на обезбедување на потребна опрема, реквизити и надокнада за едуцираниот и квалификуван наставен кадар за вршење на спортска дејност. Во оваа насока развојот на ракометната игра преку училишнот спорт би се движела и во средното образование.
И за крај за целосно осовременување на ракометната игра во рамките на еден клуб мора да се појавува човек кој седи на клупата и ја води целокупната статистика на постигањата за време на еден натпревар. Од самата статистика понатаму ке го знаеме учинокот на секој играч после одигрувањето на натпреварот. Тука лежат целокупните резулати кои се потребни за истражувачката работа која што треба да оди рамо до рамо со теоријата и праксата во ракометната игра. Од тука ке ја вадиме поуката и ке ја креираме стратегијата и техничко-тактичката подготовка за наредните натпревари и креирањето на тимската работа и поставување на игра во периодот кои следи.

 

м-р Ангелче Гушев

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*