Движењето на земјиштето под предпоставка дека е делумно или целосно непознато може да се врши со помош на карта и со помош на азимут и бусола.
Движење на земјиштето со помош на карта
Движењето на земјиштето со помош на карта претпоставува добро познавање на карактеристиките на картата а се спроведува со предходна подготовка која ги опфаќа следните елементи:
– одбележување и проучување на маршрутата на картата,
– одредување на должината на мар-шрутата и времето потребно за нејзино совладување,
– одредување азимути за одредени делови од марш-рутата,
– избор на ориентири за контрола при движењето и
– изработка на шема за движење.
Одбележувањето и проучувањето на маршрутата на карта подразбира дефинирање на просторот каде што треба да се врши движењето, согледување на карактеристиките на теренот, согледување на разни природни препреки, проучување на сите нагорнини, надолнини, карактеристични облици на релјефот, пошуменост и слично. Наведените и разни други компоненти кои се присутни во просторот мора да се имаат предвид за да може со помош на карта лесно да се врши непосредна ориентација во просторот во кој се наоѓа маршрутата.
Одредувањето на должина на маршрутата и на времето потребно за нејзино совладување подразбира подетално проучување на одделни делови од истата каде главно се земаат предвид, растојанието, наклонот на земјиштето и кривините на патеката. Во тесна зависност од наклонот на земјиштето се наоѓа времето за движење. Во таа смисла доколку земјиштето е со просечен наклон од 0-5 се зема брзина од 5 км/ч, ако наклонот е од 5-10 тогаш брзината на движење се намалува за 1 км/ч односно изнесува 4 км/ч, а за случаите кога има наклони над 10 тогаш потребно е да се измерат сите нагорници и падови и за сите да се определи посебна брзина со тоа што за движење по удолнина брзината се зголемува на 6 км/ч. Покрај ова на мерените вредности им се додава уште 3-5% заради грешки при мерењето на кривините. За одредување траси кои се недоволно прегледани, еднолични и слично се применува движењето под азимут кој се врши со помош на бусола. При движењето на земјиштето со карта на просторот односно трасата по која треба да се изведе движењето неизоставно се бираат уочливи објекти како ориентири кои го олеснуваат движењето на земјиштето .
Движењето започнува од некоја почетна точка каде прво се ориентира картат, се врши ориентација во просторот, се одредува стојалишната точка и започнува движењето кон останатите контролни точки се до целта. Притоа секогаш треба да се има предвид правилото за непрекината ориентација на секој дел од маршрутата. При движењето мора да се внимава на времето, секогаш треба да сме сигурни дали сме на право место, а во услови на ограничена видливост се применува движење со помош на бусола и азимут.
Движење по земјиштето со помош на бусола и азимут
Во услови на намалена и отежната видливост, како на пример ноќе по магла, на еднолично земјиште, шуми во рамничарски простори и слично движењето на замјиштето се врши со помош на бусола. За таа цел претходно е потребно претходно да се подготват сите потребни податоци а особено аглите и растојанијата по кои треба да се изврши движењето. Припремата се врши според карта и ги опфаќа следните постапки.
– на карта се проучува маршрутата за движење и се одредуваат контролни точки,
– на карта се вцртуваат правците на движење со спојување на почетната, контролните и крајната точка,
– се мерат растојанијата помеѓу точките,
– се изработува шема за движење по азимут на која се спојуваат почетната, контролните и крајната точка,
– се испишуваат пресметаните азимути и растојанија,
– се дава потребно време за совладување на секој правец посебно,
Вака извршената припрема овозможува да се започне со движењето. Постапката претпоставува:
– одредување на правецот на земјиштето според зададениот азимут, а тоа се врши на тој начин што на бусолата се завзема дадениот азимут, поклопецот се наведнува околу 60 степени, бусолата се држи во левата рака во висина на очите и со се бусола се вртиме се додека северниот крак од магнетната игла не се поклопи со ознаката на правецот север, кога ќе се смири магнетната игла преку нишанот на бусолата се уочуваат објекти како ориентири со цел за поточно и полесно движење,
– во така одредениот правец започнува движењето
– по стигнувањето на првата контролна точка со обратен азимут се проверува правецот на движење,
– со повторување на постапката како на почетната точка односно на бусолата со вториот зададен азимут, се материјализира на земјиштето, се движи по одредениот правец, со мерење на чекори или време се стигнува до втората контролна точка, се врши контрола со обратен азимут, а потоа движењето продолжува а постапката се повторува.
Во услови кога точките неможе да се догледуваат една со друга контролата се врши и од објекти помеѓу нив.
При движењето по азимут може да се наиде на различни препреки како што се мочуришта, густи грмушки, отсеци и слично. Во такви услови:
– на другата страна на препреката (доколку е можно) се уочува некоја точка (објект) на правецот на движење, се совладува препреката и се стигнува до претходно уочениот објект од каде со обратен азимут се врши контрола на точката од каде што истата била забележана.
– во друг случај совладувањето препрека се врши со заобиколување, така што од точката од која сме стигнале се менува азимутот за 90о и со оди одредено растојание кое е доволно за совладување на препреката, а потоа азимутот пак се променува за 90о но така да се добие првиот азимут на движење, по одредено растојание по трет пат се менува за 90о и се движиме исто растојание како при првото скршнување , потоа се завзема првобитниот азимут.
Од наведеното може да се заклучи дека движењето со помош на бусола и азимут е мошне сигурен начин за решавање на конкретна задача.
проф. Ангелче Гушев
One comment
Pingback: Движење во природа со помош на карта - Шумарите