Во последниве шест години се промени ставот за значењето на спортот и телесното вежбање, за здравјето на нашата млади. Но некаде сеуште забележуваме дека се провлекуваат некои застарени и несовремени состојби. Да го земеме само односот кон наставата во одделенска настава и бројот на часовите во природата кај учениците од основните училишта. Значењето на овој факт уште повеќе се зголемува, ако имаме во предвид колку е брза таа промена за тие млади и нежни организми, кој од слободната игра и безгрижност наеднаш се најдат заковани на училишните клупи. Но и покрај сето тоа, сите ние сме сведоци во незадржливиот продор на новите разбирања и методи за работа на овој сектор. И промената не е само во тоа. Денеска спортот, спортските игри и телесното воспитување се огромна грижа на највисоките државни органи. Кој треба да вози грижа за правилното физичко воспитување на нашите млади? За оваа одговорна задача се задолжени : родителите, педагозите – наставниците , професоите и лекарите. Сите тие спомнати фактори треба тесно да соработуваат, а и секој посебно треба да ги знае своите специфични задачи и должности. Зошто животот од ден на ден станува се по комплициран и по сложен. Секој знае дека денеска децата созреваат многу побрзо одошто некогаш. А поради тоа што кога ќе пораснат, можеби, ги чекаат потешки задачи и проблеми во животот, одошто оние пред кои што сме се наоѓале самите ние, должност е на секој наставник или професор е да ги подготвиме солидно за тоа.
Никогаш не треба да заборавиме дека хармоничниот развој на детето се постигнува само со рамномерна, едновремена и психичка, т.е. духовна работа, како и со физичката активност. Секое запоставување на една од овие две битни животни манифестации доведува сигурно до осетни неправилности. Низ правилен, целисходен и стручно конторилиран тренинг, игра и забава на игралипштето, теренот или салата за вежбање, ние не настојуваме да создадеме некои шампиони и рекордери, туку да придонесеме во развојот на здравите млади луѓе и кои ќе бидат способни за борба низ животот и совладување на сите тешкотии на кои што сигурно ќе наидуваат во животот. Целта наша не е да говориме за улогата на родителите и наставнаиците на ова поле.Колку се однесува до наша задачата, на лекарите, тоа е посебна специјалност која се развива се повеќе и повеќе. Ние сакаме само да подсетиме дека задачите на телесното воспитување и вежбањето не се состојат само во јакнењето на организмот заради спречувањето на некои заболувања, значи превентивно. Покрај тоа, ние денеска широко применуваме разни физички вежби и за лечење на многу заболувања.
Во ваквата секојдневна работа со децата и млади треба да се придржуваме на некои основни правила. Пред се треба да настојуваме играта, спортот и вежбањето да им бидат забавни, сето тоа да ги забавува, насмее и радува. Зошто децата брзо се изморуваат, се заситуваат и стануват плачливи и непослушни. Притоа, играта и вежбањето треба да одговараат на нивната возраст и физичко-духовните можности и да се изведуваат во поволно време, околина и средина. Сето тоа изгледа ситница, но всушност тоа е доста важно. Уште еднаш треба да се подвече важноста и неопходноста на конструктивната и телесната соработка на ова поле помеѓу родителите, наставниците, професорите и лекарите. Зашто тоа се оние покрај кои што детето расте, се развива и станува човек. Но дали тоа ќе биде слабо, колебливо, плашливо или пак здрав млад човек којшто знае што сака и што може – тоа зависи во голема мера и од самите нас.
Ние овде нема да навлегуваме во подробностите и методиката на поодделни спортски дисциплини и вежбања за децата и младите. Нашата цел е само да подцртуваме и актуелизирме дека физичкото вежбање е апсолутно рамно и еднакво на секое друго учење и предмет во училиштето и како такво еднакво треба да биде и застапено. А ние сме сеуште доста далеку од тоа наше постигнување. На гимнастиката сеуште се гледа со потценување, нас сеуште ни престои борба за совладување на отпорот, поради разни предрасуди и искривени поими. Многу од нас се сметаат за спортисти, само заради тоа што племенито навиваат од трибините на стадионот кога гледаат фудбалски натпревари. Само за жал,тое не е реализација на спортската дејност.
Колкумина од нас, родителите, ги земаат в неледа наутро своите деца па ги поведуваат на прошетка во природата, на чист воздух, да се поиграат и слободно да потрчаат по полето? За жал такви родители се малку. Тоа нешто го сметаме за недостојно, несериозно, смешно и некорисно. А горко се лажеме и со тоа застарено сфаќање ние многу лошо си причинуваме и себе си и на нашите најмлади. Да ги погледнеме само, на пример, луѓето во скандинавските земји. И лете и зиме, во неделните денови нивни градови се пусти. Сите се надвор, во природа го минат денот – неделниот одмор, онака како што им е најзгодно, во игра и забава, во природата. Секој оди спрема своите можности. Така и се популаризирал зборот “викенд” во целиот свет. А така што децата ќе го видат и доживеат во своето детство, тоа им останува за целиот живот како длабока трага. И така тоа претставува редовна навика, обичај и се предава од генерација на генерација, станува обичај и потреба на широките народни маси. Во тој однос, ние на балканот сме изостанале многу. А колку природни убавини имаме! И така испуштаме еден важен дел од физичкото воспитување.
На крајот можеме да кажеме дека целите и на медицината и на физичкото воспитување на децата и младите се скоро исти. Низ двете се настојува да се одгледа и воспита здрав подмладок од една страна, и од друга страна да се одстранат постоечките недостатоци, слабости и болести кај поодделни лица и групи. Улогата на училишниот, клубски лекар токму тука и почнува. Лекарот е оној што треба да ја контролира работата на младите организми, да го следи дејството на разл
ичните вежби и целисходно да реагира на уочените моменти во текот на низа години кај една иста генерација. Ваквиот лекар, значи, треба да го познава и следи секој поединец, со еден збор, да се сроди со нив, да ги засака, како што ќе го засакаат и тие него, да ја здобие нивната љубов и доверба, со други зборови да се спријателат и да бидат вистински другари. Тоа е исто како и домашниот матичен лекар кој го познава секој член од семејството низ целиот живот. Само низ ваков секојдневен допир и контакт, спортскиот лекар ќе биде во состојба да одгледа многу генерации, како еден добар градинар што го одгледува цвеќето во својата уредна градина. За жал, вакви спортско-медицински. т. е. школски лекари ние имаме сосема малку. Но ќе настојуваме да ги имаме многу повеќе. Мораме да настојуваме да имаме што повеќе млади во физичкото воспитување и што повеќе физичко воспитување во медицината. Се до таму, дури двата поима не се стопат во еден. Тоа нека биде нашата цел во нашата идна работа.
проф. Ангелче Гушев
Kineziologija.mk кинезиолошка едукација , кинезиолошка рекреација, кинезитерапија и спорт !!!