Никој не може да му оддолее на примамливиот мирис на печените костени кој се шири низ улиците уште од 16 век. Станува збор за драгоцено овошје, чија двојна обвивка го штити од пропаѓање. Костенот е овошје со голема калорична вредност, многу сличен на житото особено сувиот костен, затоа е одличен за децата како енергетска подршка во развојот, за спортистите, за повозрасните лица и за сите оние кои се изложени на поголем физички и интелектуален напор. Од останатите јатчасти плодови како што се оревите, лешниците и бадемите, се разликува со пониско ниво на масти, но единствено костенот од оваа група на овошје содржи витамин Ц. За разлика од плодовите на оревот, од леската и од буката, во кои главна состојка е маслото, главен составен дел на костенот е скробот, кој во сировото семе на костенот го има околу 40%. Поради високата содржина на скроб, од костенот може да се добие брашно, кое како само или помешано со брашно од житариците се користи за правење на леб и пецива. Брашното од костенот е многу здраво, а поради својата лесна сварливост, посебно е подоген во исхраната на старите лица и на децата. Костенот содржи минерали и витамини. Од минерали богат е со калиум и фосфор, а содржи и калциум, магнезиум, сулфур, хлор, железо, бакар, манган. Од витамини, костенот ги содржи витамините од групата Б, витаминот А и Ц. Бидејќи костенот е богат со калиум, а сиромашен со натриум, тој е погоден за лица со бубрежни и крвни заболувања. Може да се јаде свеж, варен, печен, како пире, а може да се користи и како брашно за слатките. Треба да се користи само кога е сосем зрел. Ако го јадете тогаш јадете го само него. Избегнувајте ја комбинацијата со друга храна за да може полесно да се свари. Подобар е варениот костен. Костенот содржи Витамин E и фитохемикалии кои не се застапени во варениот костен, но затоа пак варениот костен содржи поголема количина на минерални состојки. Печениот костен има поголема енергетска вредност, поголема количина на белковини, масти, витамини и двојно поголема количина на јагленохидрати. Ова овошје има антисептички и антианемични својства и спаѓа во групата на високоенергетски овошја. Има смирувачки ефект. Регенератор е на минералите, а на организмот делува освежувачки.