Две патроли на извидници од извидничкиот одред “Димитар Влахов“ – велес земаа учество на денешната од прослава по повод Деновите на пролетта – денови на екологијата кои се во знакот на кампањата „Македонија земја на цвеќето – земја на розите“. Национален координатор на кампањата е Министерството за животна средина со директна поддршка на Владата на Република Македонија. На оваа еколошка активност која се одржа на 21.3.2014 год. во Младинскиот парк во Велес, Ппвите рози во велешката почва денес беа засадени од страна на градоначалникот Славчо Чадиев и државниот секретар во Министерството за животна средина и просторно планирање Соња Лепиткова.
Дел од 3.500-те рози се донација на бизнис секторот, а дел се набавени со средства од Општина Велес. 1000 рози донираше Министерството за животна средини. Се засадуваа на повеќе површини во Велес – на ул. „Алексо Демниевски“ и Благој Ѓорев“, кај Општата болница, покрај пругата во зелениот појас кај рестораните Розе сала и Глориус. Велес е еден од лидерите во акцијата „Македонија земја на цвеќето-земја на розите“, напомена при денешната посета, државниот секретар во Министерството за животна средина и просторно планирање Соња Лепиткова.
-„На есен ќе засадиме уште повеќе рози и ќе придонесеме за зачувување на животната средина и апсорбција на тешките метали. Заедно со градоначалникот и екипата на локалната самоуправа во иднина ќе продолжиме да засадуваме што е можно поголем број на садници со рози и да ја исчистиме велешката почва“. – потенцираше Лепиткова.
-„Голема благодарност упатувам до ЈКП „Дервен“ кој ги подготви површините за садење со систем за наводнување капка по капка, до Владата на РМ, до г-ѓа Лепиткова и Министерството за животна средина. Особена благодарност до бизнис заедницата во Велес што без двоумење се вклучи во кампањата и до секој поединиц што дава свој придонес во оваа долга макотрпна борба со последиците од загадувањето”. – истакна градоначалникот Чадиев.
Во кампањата беа вклучени сите јавни установи и институции, АРМ, пензионерите, невладините организации, училиштата, детската градинка, буквално сите граѓани на Велес. За поздравување е што денес со нас во знак на борбата против загадувањето и деконтаминацијата на почвата присутни беа и студентите на МИТ универзитетот. Тие мотивирани од филмот „Велес капут“ што ги покажува последиците од загадувањето во време кога работеше Топилницата за цинк и олово „Злетово“ дојдоа во Велес да ја дадат својата поддршка во борбата за здрава животна средина.
проф. Ангелче Гушев