На 6.11.2016 год. (недела) се организираше првиот велешки полумаратон. Овој маратон беше организиран од страна на Советот на Млади при Општина Велес и група граѓани помогнати од локалната самоуправа. Организаторите потврдија дека постигната е целта на манифестацијата. Испратена е пораката за здрав живот, здрави навики и рекреација. Првиот полумаратон кој се одржа, во Градскиот парк ги исполни сите очекувања. На главната трка од 21 километар учествуваа 150 натпреварувачи. Првото место со време од 1:14:57 го освои Дарио Ивановски, второпласиран беше Игор Јакимовски,а трет заврши Хамим Чилафи. Во женска конкуренција полумаратон најбрзо го истрча Ангелина Пановска со време од 1:44:49, пред Тина Пановска која го освои второто место, а трета беше Ирена Стојменова.
На рекреативната трка во должина од пет километри првото место му припадна на Дарко Поп Ацев со време од 17:10 минути, втор заврши Никола Гелов, а третото место му припадна на Кристијан Китанов. Марга Бојаџиева со време од 20:06 минути победи во рекреативната трка на пет километри во женска конкуренција пред Марија Богдановска и Кристина Дарковска.
Гиго Ивановски доби пехар за највозрасен учесник со 69 години, Јордан Петков е најмладиот со само шест години. Помеѓу 150 натпреварувачи кои ја истрчаа рекреативната трка на пет километри беше и Градоначалникот на Општина Велес, Славчо Чадиев.
Првиот велешки полумаратон се одржува како дел од одбележувањето на 9-ти Ноември, Денот на Општина Велес.
м-р Ангелче Гушев