Home / Колективни спортови / Одбраната во современата ракометна игра

Одбраната во современата ракометна игра

Љубопитноста е сила која го придвижува секој тренер. Секогаш мора да се бара став од каде што погледот кон играта е појасен и реален кон составот на самата ракометна екипа, а љубопитноста на тренерот претставува желба за учење и пренесување на знаењето кон екипата.
За да напредуваме и да создадеме идни квалитетни и креативни ракометарки, треба да ја промениме технологијата, односно пристапот во методологијата и дидактиката што ќе ги примениме на нашите дневни тренинзи. И тоа се токму тие промени. За жал, за спроведување на овие измени во работата е секогаш бавно затоа што има и голем отпор, не само во креирањето на ракометниот модел на иднината, туку и во сè што е поврзано со развојот на ракометот како спорт. Многу е важно да се променат технологиите за обука и тренинг, бидејќи дијагностиката во играта мора да биде во согласност со она што се работи за време на обуката и тренингот.
Да се потсетиме на изјавата на познатиот научник Алберт Ајнштајн кој вели дека би било лудо да очекувате подобри резултати ако ништо не се промени. Само промената може да направи напредок, како што е навиката е непријател на учењето. Спортот е дел од животот со конкретни вистини и факти, а тоа се резултатите.

Ракометот е игра со многу играчи во постојано движење и конфликти на лично, групно и колективно ниво и ова е навистина тешко да се анализира. За жал, во денешно време, ракометот е еден од спортовите со најмалку научни студии и доказ за ефективноста на различните методи на обука и настава. Со цел да се подобрат физичките и ТЕ-ТА методологии за усвојување на овие области на истражување треба да се прошират. Развојот на играчите подразбира и подобрување на самата личност, т.е. промена на функционално-моторните способности, когнитивни, конативните и морфо-биолошки карактеристики (физичка структура т.е. целосен потенцијал).
За да се создаде или да се претстави атрактивен ракомет на иднината, прво мора да има цврста професионална основа; од наставници и тренери па се до целиот персонало во екипата со присуство на сите профили што се користат во ракомет. Тие се експерти во својата научна област. Затоа, не смееме да заборавиме дека иако ракометот не е наука, науката сепак може да му помогне на ракометот. Тешко е да се замисли ракометната иднината без тренер-играч и тренер-наставник кој би работел со деца од пет или шест години па се до пубертет. Помеѓу овие две категории треба да се направи јасна разлика. Особено ја потенцирам важноста на тренерот-наставник кој им помага на децата да ги научат ракометните вештини, а воедно им помага да го разберат ракометот како целина, но повторно кој се грижи за нивно правилно воспитување. Она што претставува тежок проблем во информацијата и комуникацијата е новото моторно знаење и процесот на пренесување на вештини преку методолошко-дидактички дејства кои се обидуваат да одговорат на прашањата “како“, “што“ и “зошто“.

Во разбирањето и поставувањето на одбраната што ќе преовладува во совреметана ракометна игра, вниманието мора да биде насочено кон топката и таму каде што ќе биде топка и секогаш да се има вишок на играчи на одбраната. Основниот принцип на играта е “игра против топката и напад на топката“. Исто така, ќе треба да се намали и бројот на исклучувања и зоната на одбрана да се применува сè повеќе. Главно во играта е тоа што ќе се бара од играчите да шутираат и да ги предизвикуваат напаѓачите да прават што повеќе грешки со тактичко форсирање на одбраната. Заедничка карактеристика на одбраната ќе треба да биде придвижувањето на плитката одбрана длабоко нанапред за да се избегне одвојувањето на двајцата играчи на одбраната, што досега беше експлоатирано од надворешните играчи заедно со пивотот при вкрстувањето. Внатрешната одбрана, како и четворицата играчи на одбраната, ќе продолжат да бидат непробоен столб на сите одбранбени системи. Но, играта на последните играчи на одбраната (позициј 1и 6) ќе биде значително подобрена, особено за да им се помогне на играчите на одбраната.
Одбраната, како што знаеме, започнува со фрлање или губење на топката. Првата задача на нападот ќе биде да не примиме гол толку лесно по фрлањето.

На тренингот, одбраната претставува симулирање на ситуацијата, реакција, внимание, способност на противникот да ја преземе контролата и асистенциите, така што, всушност, секогаш има сооднос 2:1 во корист на одбраната. Секогаш има двајца играчи на одбраната против еден играч на напад. Мора да имаме на ум дека одбраната е заштитен знак на било кој победнички тим со карактер. Одбраната претставува слика на заедништво, тимската работа и односите во рамките на тимот. Играчот преку одбраната ја покажува својата личност на најдобар можен начин. Ако немаш одбрана, како би знаеле “кој си ти?“. Затоа, не може да се зборува за добар тим и добра игра без добра одбрана.

м-р Ангелче Гушев

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*