Home / Индивидуални спортови / Кога да започнеме со веслање

Кога да започнеме со веслање

veslanje_ptuj_dp_mirne_vode_7_in8_9_2013_015Ако решите да го поддржите своето дете во идејата да тоа тренира веслање, пред сè, треба да знаете дека веслањето спаѓа во спортови кои физички се најнапорни. Еден е од ретките екипни спортови кој не се вклучува топка, што значи дека за помладите возрасти не мора да биде особено забавен дури ни на почеток, бидејќи од првиот момент е потребна одредена доза на сериозност и дисциплина и отпорност на болка.
Пожелно е децата да почнат да се занимаваат на возраст од 12 до 16 години, иако не е доцна ни со 18, особено ако претходно веќе се занимавале со некој понапорен спорт. Исто така, обрнете внимание на годишното време во кое детето би започнало со тренинзи. Во зимскиот период тренинзите се одвиваат главно внатре на ергометри – симулатори за веслање кои произведуваат исти физиолошки барања како и веслање на вода, освен што самата активност е тешка и монотона, па на децата брзо им досадува. Во текот на летните месеци дури и децата почетници излегуваат на вода, вежбајќи синхронизација, како во изнесување чамец во вода, редослед на седење, така и самото веслање, прво во „галии“, како што искусните веслачи сакаат да ги нарекуваат тие кабасти чамци за почетници.

Исхрана на веслачите
Со оглед на тоа дека веслањето е една од најнапорните дисциплини во која се троши огромна аеробна и анаеробна енергија, веслачите имаат големи енергетски потреби, а најважни се оние за јаглехидрати (дневно 500–600 г). Општо, на веслачите им е потребна високоенергетска храна, која мора да биде поделена на пет до седум оброци дневно. За да ја надоместат енергијата за време на тренинзите, мора да внесат и по 4 000 калории дневно. Најкорисни продукти во исхраната на спортистите се: природни густи овошни сокови, чоколадно млеко, мед во комбинација со млеко, енергетски плочки, тестенини, варен компир, варен зеленчук, леб и печива, ориз и овошје. Препорачаниот однос на протеини, масти и јаглехидрати е 20:25:55.
Веслањето е спорт во кој многумина ќе се пронајдат, без разлика дали се почетници или ветерани и дали со него почнале да се занимаваат во детството или во зрела возраст. Одличен е за развој на мускулната и скелетната структура кај помладата популација и за одржување на кондиција кај постарата. Покрај сите добра кои овој спорт ги дава на здравјето и кондицијата, уште поважен е допирот со природата кој придонесува за психичка и ментална стабилност на секој кој во него навистина ужива.

Основни поими во веслање
Римен – дисциплина во која секој веслач весла со по едно весло. Ознаките за екипажот кој се натпреварува во веслање содржат број, кој означува број на членови на екипажот и знак плус или минус, кој означува дали екипажот има или нема кормилари. Значи (2+) е, на пр., и двоец со кормилар. Олимписки дисциплини се (2-), (4-) и (8+), а неолимписки се уште и (2+) и (4+).
Скул – дисциплина „на парови“, каде што секој веслач весла со по две весла, односно по едно во секоја рака. Олимписки дисциплини се: сингл или скиф, со ознака (1х), двоец (2х) и четворка (4х).
Чамец – често се употребува англискиот назив за овие чамци – shell (школка), како поради обликот, така и поради фактот што рамката му е тенка како кај школка, за чамецот да биде што полесен. Се одликува со голема должина и многу мала ширина.
Рол – движечко седиште кое се „тркала“ (roll – англиски збор за тркалање) по должина на две паралелни шини, поставено така што веслачите се завртени со грбво насока на движење на чамецот.
Весло – се состои од рачка, прстен, тело на веслото и лопата. Рачката е дел за кој веслачот го држи веслото, прстенот служи за веслото да не се лизне во вода низ виљушката на која се потпира на чамецот, телото е најчесто шупливо за веслото да биде што полесно, а лопатата е дел со кој се зафаќа водата. Веслата за скул се долги околу 290 см, а за римен околу 380 см.
Кормило – уред за управување со чамецот.
Кормилар – оној кој управува со чамецот и го бодри екипажот во текот на трката. Кормиларот е единствен член на екипажот кој е свртен во насока на движење на чамецот.
Штрокер – веслач кој седи најблиску до кормиларот и по неговите упатства ја одредува должината и зачестеноста на замавот со весло и дава ритам на останатите членови на екипата.

м-р Ангелче Гушев

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*