Приказната за киноата и нејзиното значење, ќе се почне со прокламацијата на Генерално собрание на ООН. Тие одлучиле 2013година да ја прогласат за година на киноата. Генералниот секретар на ООН Бан Ки-мун изјавил дека „оваа земјоделска култура може да направи голем придонес за безбедноста на храната во светот и остварувањето на Милениумските развојни цели воопшто“. Зошто токму на киноата и се посветува една цела година? Вакво признание треба да се заслужи.
Во што се состои нејзината вредност? Првин малку за ова растение. За киноата се знае уште од древните времиња. Таа била една од најважните прехранбени артикли кај Индијанците и Инките заедно со компирот и пченката. Инките, киноата ја нарекувале „златно зрно“ или „божествено зрно“. Верувам дека во тие дамнешни времиња не се знаело за протеини, минерали, витамини но секако искуството кажувало за нејзината хранлива моќ. Киноата е многу слична на припадниците на житната култура (на пример пченицата), но не се вбројува меѓу нив. Веројатно затоа и ја нарекуваат уште и псеудо – житарица. Таа припаѓа на семејството Chenopodium, кон кои, заради појаснување ќе кажам дека тоа е вид кон кој припаѓаат и спанаќот и цвеклото. Киноата е едногодишно растение кое се одгледува на Андите во Јужна Америка. Подоцна оваа култура почнала се одгледувала и на други планински масиви, а по одобрување на Далај Лама, почнала успешно да се одгледува и на Хималаите и Тибет. Се покажало дека киноата може да расте и на почви кои порано припаѓале на џунглата, па дури и на морските брегови.
Причината зошто таа е толку ценета, во тие времиња и денес, е едноставна. Денес, хемиската анализа покажала дека киноата ги содржи сите неопходни за човекот аминокиселини (околу 20 видови) и може да се каже дека е комплетна замена за месото. Ова треба, особено да го знаат вегетаријанците. Според хемискиот состав, киноата содржи повеќе протеини од било кое друго зрно. Така на пример, ако за споредба се каже дека оризот содржи само 7,2 % протеини, тогаш за киноата може да се каже дека содржи 14,12 %, а некои нејзини сорти содржат дури и 20 % протеини. Она што е исто така битно тоа е дека протеините во киноата се одлично балансирани. Таа содржи и мало количество лизин, содржи јаглехидрати, масти, прехранбени влакна, минерали, витамини, богата е со неопходните минерали за човечкиот организам.
Енергетската вредност на 100 г киноа изнесува 368 калории.
Зарем овие податоци не говорат доволно, и тоа само во 100 г киноа. Освен тоа таа е неверојатно диетален продукт, а нејзиното усвојување од страна на организмот и практично потполно. Нутриционистите сметаат дека, според хранливите својства и нема рамна на кината, дури се оди до таму што ја изедначуваат со мајчиното млеко.
Која е ползата од киноата?
Заради тоа што е богата со лизин (еден вид аминокиселина) киноата е корисна за подобро усвојувања на калциумот во организмот, а со тоа и за раст на формирање на коските. Треба да се спомене дека недостатокот на лизин може да доведе до опаѓање на косата, анемија, раздразливост. Киноата е многу корисно за оние кои страдаат од хипертензија, дијабетес и болести на срцето. Во киноата е присутен триптофанот, супстанца која му помага на телото при синтеза на хормон на радоста – серотонинот. Исто така киноата е богата со фитиновата киселина која го намалува нивото на холестерол во крвта и го штити организмот од онколошки заболувања. Бидејќи киноата не содржи глутен, често е вклучена во исхраната на личности кои патат од разни алергии. Претпазливо кон употреба на киноата треба да имаат мали деца и мајки доилки.
Како може да се приготвува оваа зрнеста храна?
Пред се, за киноата може да се каже дека е лесна за приготвување но е и лесна за желудникот. Таа може да се искористи како во супите (на пр. наместо фиде) како гарнир, може да се додаде во секаков вид салати, но и во разни десерти, на пример во палачинки, вафли, мафини. Успешна замена е за оризот, но значително по корисна одошто самиот оризот, особено белиот (луштениот). Со брашното од киноата може да се прави леб, разни печива, а се применува и во индустријата на тестенини. По правило киноата се продава исчистен и промиена што го олеснува нејзиното приготвување. Инаку, необработената киноа е обложена со еден слој алкалоиди кои треба, пред употреба да се отстранат со неколку плакнења, па дури потоа да се приготвува. Спротивно ќе нагорнува.