Со првите снежни покривки кои обвија делови од Македонија, во ред е веќе да замислиме како и ние се валкаме во снегот и уживаме во невината белина која тој ја нуди. Некои од нас имаа можност да отидат на повисоките места каде и падна првиот снег, а другите останавме во своите домови и им се восхитувавме на убавите слики на социјалните мрежи. Но, тоа не значи дека сите само мечтаат по зимскиот одмор и можноста да се санкаат по белините на планините. Првиот снег воедно е и одлична можност за да седнете и да размислите какви сѐ активности можете да организирате за вашиот извиднички одред и неговите најмлади членови. Понекогаш, санкањето колку и да изгледа како безопасна игра, има и одредени ризици и непредвидливи ситуации, па затоа што повеќе сте подготвени за секоја од нив, толку помирно и позабавно ќе си поминете сите. Следуваат неколку совети во однос на облеката која треба да ја понесете со вас, опремата, техниките кои треба да ги применувате за сето тоа да изгледа забавно, а истовремено и безбедно за секоја возраст. Без разлика што надвор сјае сонце иако температурите се под нулата, тоа значи дека секогаш со вас треба да носите повеќе слоеви облека и обувки. Ако ви стане топло, во секој момент можете да соблечете некој од нив и да се чувствувате пријатно соодветно на температурите во одреден период од денот.
Пред да се спуштите со вашата санка по некој од ридовите,најпаметно е прво да се искачите на височината и одозгора да ја проверите патеката која планирате да ја користите. Сепак, таа треба да биде соодветна за возраста и можностите на секој учесник во санкањето, сѐ со цел да не дојде до несакани ситуации. Затоа барајте рид кој не е премногу стрмен и кој е потполно покриен со снег, но не и со мраз, но и кој има доволно простор за да можете безбедно да сопрете со санката. Дополнителен совет, пожелно е да избегнувате ридови кои завршуваат во вода – никогаш не знаете колку простор ќе му биде потребен на секое дете за да ја сопре својата санка. Никогаш не седнувајте повеќе луѓе на санката од оној капацитет кој е пропишан за секоја санка бидејќи лесно можете да ја изгубите контролата и да се удрите. Акробациите, препуштете им ги на професионалците. Ако се обидете да скокнете со санката или ако се натпреварувате кој е побрз, тоа е еден од најлесните начини како можете да се повредите самите, а и останатите околу вас. Кога станува збор за опремата која треба да ја користите, секогаш носете кацига за заштита, која ќе се осигурите дека е правилно поставена и зацврстена за вашата глава. Кога се санкате, избегнувајте да носите шал, бидејќи истиот многу лесно може да се заплетка во некоја гранка. Наместо него, ставете околувратник. Во текот на сончевите и јасни денови сепак, потребно е да носите очила за сонце, бидејќи тогаш сончевите зраци се одбиваат од снегот и можат да претставуваат пречка за вашата правилна ориентација во просторот и предметите околу вас. За крај, подобро е да одберете санкањето да биде ваша дневна активност кога сѐ наоколу се гледа појасно и полесно можете да избегнете каква било опасност или пречка. Следно што ви останува е да го причекате следниот снег и максимално да ја искористите неговата убавина.
извор: www.scout.org.mk