Кога во 1891 година Џејмс Нејсмит за време на студиите во Интернационалното училиште YMCA ја измислил кошарката во обид да ги заинтересира учениците за физичка активност, со план дека играта „мора да биде интересна, едноставна за учење и лесна за игра во сала, зимно време“, не можел ни да претпостави дека само четири години подоцна и 16 км подалеку Вилијам Г. Морган, исто така, припадник на YMCA (Young Men’s Christian Association), ќе измисли друга голема игра, одбојка, како „алтернативен спорт со побавно темпо“ во кое можат да учествуваат и постари членови на Здруженија, на кои играта нема да им биде претешка и агресивна, а ќе им овозможи движење и вежбање.
Одбојката тоа време се викала mintonette и била конципирана како спорт со недефиниран број играчи во кој нема натпреварување. До 1920 година ја играле само деловни луѓе, а потоа како спортска активност е предложена на Националниот колеџ на здружението на атлетичари (NCAA). Името volley-ball почнало да се користи кога еден тренер забележал дека топката која лета преку мрежата асоцира на плотун (англ. volley) кој се исфрла од топ.
Родена во Санта Моника
Секако, одбојката денес не е ни бавна, ни алтернатива ниту е наменета на „постарите господа“, а нејзината помлада сестра, одбојката на песок, се смета уште и за празник за очи, пред сè, поради преубавите одбојкарки од сите страни на светот, чии атрактивни фотографии одамна се излезени од рамките на спортските рубрики и ги окупираа рубриките „здрав живот“, „гламур“ и „најубави жени“.
Всушност, спортот кој најмногу се поврзува за лето, жештина, потемнет тен, морски брег и плажи, секако, е одбојка на песок, па тогаш не е необично што спортските коментатори го нарекуваат и „спорт од кој е тешко да се одвои погледот“. Родена на калифорниските плажи во 1920 година во Санта Моника, одбојката која се игра на песочните плажи во почетокот била само добра забава на брегот на океанот. Требало да поминат дури 76 години за да биде препознаена како сериозен натпреварувачки спорт кој во 1996 година влегува во програмата на Олимписките игри.
Правила на игра
Одбојката на плажа е спортска активност со топка во која се натпреваруваат две групи од по двајца играчи на терен со големина осум по осум метри, со распната мрежа на средина. Висината на мрежата за мажи е 2,43 метри, а за жени 2,24 метри. Играчите ја префрлуваат топката преку мрежата со удар од кој било дел од телото, а се договараат со карактеристични сигнали на рацете зад грб, кои противникот не може да ги види. Стандардни сигнали се стисната шака (играчот нема да проба блок), испружен еден прст (играчот со блок се штити од можен напад) или два испружени прста (обид за блокада на дијагоналата).
Натпреварувачите играат боси, со тоа што жените обично носат бикини, а мажите костими за капење и маици без ракави. Вообичаени се и очила за сонце и капи со штитник поради заштита од сонце.
Цел на играта е топката да се испрати на теренот на противничкиот тим така што да падне на песок, односно да го допре дното. На играчите им е дозволено три пати да ја допрат топката пред да ја сервираат на противничкиот дел од теренот. Мечот е добиен кога тимот ќе освои два сета, а во случај на нерешен резултат во сетови, одлучувачкиот сет се игра до 15 поени, со минимум два поени предност. Првите два сета се играат до 21 поен, а во случај на нерешен резултат, играта се продолжува додека еден тим не освои два поени предност. Кога тимот ќе направи сервис грешка или нема да успее да ја врати топката на противничката страна, противничкиот тим освојува поен. За напад се дозволени само цврсти удари (смеч).
Меѓутоа, во време на почетоците на одбојката, кон крајот на 19 век во Масачусетс, цврсти правила и немало во најава. Нејзиниот пронаоѓач Вилијам Г. Морган, тогашен спортски директор на YMCA, најмногу се фокусирал на рекреација и на развој на здраво тело, ум и дух. Два века подоцна, YMCA функционира во 125 земји и има околу 57 милиони члена кои се гордеат со тоа што во нивната организација се измислени две големи спортски дисциплини, прво кошарка, а потоа и одбојка, како во сала така и на песок.
Популарност
Денес одбојката на плажа во летните месеци толку е популарна, па атрактивните дестинации во Грција, Шпанија или некоја друга интересна регија не пропуштаат, рекламирајќи се на туристите, да нагласат дека имаат и терени за одбојка на песок. Така и љубителите на активен одмор можат да се рекреираат префрлајќи ја топката преку мрежата на морскиот брег, уживајќи така во здраво вежбање. Едни од најуспешните промотери на овој спорт биле глумците од американската ТВ-серија „Чувари на плажата“ (Baywach), која се емитувала од 1989 до 2001 година и имала безброј репризи.
Историја
Одбојка на песок прв пат се игра 1920 во Калифорнија.
Во почетокот во секој тим имало по шест играчи, а 30-тите години од 20 век по четири.
До 40-тите години од 20 век мрежата била пониска отколку денес.
Првиот турнир се одиграл 1948 година во местото State Beach.
Првото светско првенство е одржано 1976.
Во 1986 година, Меѓународната одбојкарска федерација (FIVB) ја признала одбојката на песок.
Во 1992 година одбојката на песок се појавила како егзибиционистички спорт на Олимписките игри во Барселона.
Во 1996 година на Олимписките игри во Атланта одбојката на песок е прогласена за олимписки спорт.
м-р Ангелче Гушев