Границата на болка се зголемува по групен тренинг, поотпорни сме само кога вежбаме во друштво, тврдат научниците од универзитетот „Оксфорд“. Заедничкиот тренинг поттикнува производство на ендорфин, кој ни го поправа расположението и го ублажува чувството на болка. Концентрацијата расте при физичката активност, а најмногу кога не сме сами. Истражувањето опфатило 12 машки веслачи на просечна возраст од 24 години. Два шесточлени тима веслале 45 минути во симулатор во сала, како на редовен тренинг. После тоа, ја повториле вежбата индивидуално. По секој тренинг, истражувачите ја мереле границата на болка и откриле дека таа е значително поголема по групното вежбање. „Синхронизираната физичка активност како смеење, компнирање музика, танц и религиски обреди, нè прави среќни и игра голема улога во поврзувањето и во зближувањето на луѓето“, тврди професорот Робин Данбар, началник на Институтот за когнитивна и еволуциска антропологија на универзитетот „Оксфорд“.
м-р Ангелче Гушев