Можеби учениците не се свесни колку им фали физичката активност на училиште, но родителите кои што имале шанса да го искусат правото физичко и здравствено воспитување (ФЗО) и спорт и спортски активности (ССА) во своите училишни денови, или пак пропратно да се занимаваат со некаков спорт и слободни игри, сигурно треба цврсто да се залагаат за интелектуалната и здрава иднина на своето поколение. Учениците што се во добра физичка кондиција апсорбираат и задржуваат нови информации поефективно од учениците што не се во форма, се дознава од една нова студија која што се бави со ефектите од намалувањето на часовите по правото физичко и здравствено воспитување (ФЗО) и спорт и спортски активности (ССА) во училиштата. На родителите и научниците што се физички активни, веќе долго време им е познато дека физичката активност им помага на учениците да се смират и да се фокусираат како на училиште така и во домот, со дополнителен ефект на академско достигнување. Во студијата презентирана на Америчкиот колеџ за спортска медицина, се открива дека учениците од четврто и од петто одделение што трчале наоколу или вежбале нешто друго најмалку 10 минути пред тест по математика, добиле повисоки оцени отколку оние деца што мирно седеле пред тестот. Зголемената физичка активност докажано се поврзува со значително повисоки постигнати резултати, додека интересно е што разликата во килограмите скоро и да нема никаква улога. Учениците со прекумерна телесна тежина, но релативно фит имале повеќе бодови на тестовите за разлика од нивните потенки, но помалку активни другарчиња. Досега студиите не обрнувале внимание на тоа дали и на кој начин физичката активност може да влијае на тоа како децата учат. Со таа цел истражувачите од Универзитетот во Илиноис регрутираа група од 9 и 10 годишни ученици, тестирајќи ја нивната физичка спремност на трака, а потоа повикале 24 ученици кои што биле во најдобра форма и 24 ученици со најлоша физичка форма во лабораторијата за психологија каде им задале неколку тешки мемориски задачи. Секако дека учењето е комплексен процес, кој не е сочинет само од примање и зачувување на нови информации во меморијата, процес познат како енкодирање, туку и враќање на истите информации во одреден момент. Информацијата не може да се врати ако не е навистина научена.
Истражувањата сугерираат дека ”повисоките нивоа на физичка активност имаат најголемо влијание во предизвикувачки ситуации” кога децата се соочуваат интелектуално. Доколку некој материјал е потежок за учење, толку поголема физичка активност им е потребна на децата за да го научат. Студијата не се фокусира на типот на физичка активност, туку на долгорочната физичка активност кај младите лица. Со тоа, суптилно ќе се зајакнува важноста на овие запоставени програми во училиштата. Доколку учениците сакаат да го развиваат и одржуваат аеробниот фитнес кој што ја потенцира нивната способност за учење, вели ко-авторот Чарлс Хилман, професор по кинезиологија на Универзитетот во Илиноис, тие треба да бидат вклучени во поинтензивна физичка активност најмалку еден час на ден. Училиштата, каде што децата минуваат многу часови, се најлогичните места каде што треба да им се овозможи ваков вид на активности. Или пак, како што тој и неговите ко-автори наведуваат во студијата ”Со редуцирање или елиминација на физичката активност во училиштата, како што често се прави за да се намалат финансиските трошоци, воопшто не се постигнува добар резултат во едукативниот успех помеѓу младата популација.”
м-р Ангелче Гушев