Home / Индивидуални спортови / Останато / Возете велосипед !!!

Возете велосипед !!!

bikeВозењето велосипед освен што претставува одлична кардио вежба за вашето тело, согорува калории и брзо ве носи до посакуваната дестинација, возењето велосипед е и мошне забавна активност која ќе ве исполни со чувство на среќа.  Со возењето велосипед ќе го постигнете следното:

Согорувањето  на  калории и ги тонира нозете: Возењето велосипед е одличен начин да потрошите многу калории без да вложите екстремен физички напор. Вашата тежина, отпорот на кој е наместен велосипедот, брзината со која ги вртите педалите, како и должината на патеката која сте ја одбрале за возење, влијаат на бројот на согорени калории во текот на возењето. Пример: Едночасовното лежерно возење на велосипед кај личност со 55 килограми согорува 220 калории. Истовремено се тонираат нозете и колковите, а со правилно седење на велосипедот се активираат и стомачните мускули. Возењето го зајакнува и вашиот грб, а со повремено потстанување од седиштето и вртење на педалите ќе успеете полесно да го обликувате задникот.

Ве ослободува од стрес: Секојдневните грижи и проблеми може да ве исцрпат и да го зголемат нивото на стрес. Вашиот ум и тело го чувствуваат тоа. Направете си услуга, изнесете го велосипедот и започнете да возите, бидејќи делува терапевтски. Со самото излегување во природа и на чист воздух ќе почувствувате инстантно олеснување и подобрување на вашата состојба. Колку повеќе уживате во текот на физичката активност, толку побрзо ќе се ослободите од стресот. Вртењето на педалите ќе ви делува како медитација. Целосно сконцентрирајте се на правилно и енергично вртење и блокирајте ги сите негативни мисли. Велосипедот навистина е магична гума за бришење на стресот и нервозата.

Го контролира апетитот: Истражување на University of Surrey покажало дека возењето велосипед може да помогне во контролирањето на апетитот. Со оваа физичка активност ќе ја скротите желбата за повеќе храна. Имено, лицата кои учествувале во истражувањето имале ист заеднички појадок, а потоа се поделиле во две групи. Додека едните останале да одмараат, другите возеле велосипед. Се утврдило дека со само 60 минути возење се активираат хормони кои го намалуваат чувството за глад, што придонесува за консумирање на значително помалку храна и калории. Ви го  штити срцето: Докажано е дека возењето велосипед го намалува ризикот од кардиоваскуларни заболувања. Оваа забавна физичка активност ќе се погрижи да го намалите ризикот од појава на различни заболувања, како компликации со срцето, дијабетес тип 2 или рак. Го стабилизира крвниот притисок и значително ги намалува шансите за доживување на срцев удар. Возењето велосипед претставува комплетна „вежба“ за вашето срце, крвните садови и белите дробови.

Возењето ви чува зглобовите: Возењето велосипед е кардиоваскуларна активност која овозможува помало триење и оптоварување на зглобовите, за разлика од физичките активности како аеробик или трчање. Шансите за повреда се минимални, со оглед на фактот што и обично пешачење повеќе ги активира колената. Доколку имате проблем со колената, не се сомневајте дека возењето велосипед е вистинското решение за вас.

Ќе имате подобар и поквалитетен сон: Возењето велосипед ве снабдува со енергија во текот на денот и воедно гарантира дека ќе спиете како бебе во текот на ноќта. Квалитетниот сон е еден од клучните фактори за одморено тело и ум, свеж изглед и ослободување од вишокот килограми. Сепак, експертите советуваат да внимавате на времето кога го возите велосипедот, односно да го избегнувате околу 4 часа пред спиење.

Ви се зголемува концентрацијата и ја стимулира работата на мозокот: Утринската „замагленост“ на умот веднаш по будењето може лесно да се избистри со неколкуминутно возење велосипед. Вртењето на педалите значително ја подобрува циркулацијата на крвта, од нозете, па сè до мозокот, со што влијае врз работата на мозокот и концентрацијата. Додека безгрижно возите, добивате шанса да си ги подредите мислите и да го спречите „блокирањето“ на мозокот.

Тоа е одлична друштвена и семејна активност: Една од најдобрите работи кај возењето велосипед е фактот што може да го практикувате сами, но и во друштво на вашите најблиски. Велосипедизмот е одлична друштвена активност која ќе ви овозможи квалитетна и забавна дружба со пријателите или со членовите од семејството. И најдобро од сè – бесплатно е. Не мора да вложите многу пари за да го исполните вашето слободно време со дружба и многу забава. Ова е спорт во кој буквално може да ужива целото семејство.

Еколошки делуваме и ја зачувуваме планетата: Заменувајте го вашиот автомобил со велосипед секогаш кога имате можност. Бидете пример за вашата заедница со користење на ова алтернативно превозно средство. Ќе ѝ направите услуга на животната средина со тоа што ќе придонесете за намалување на загадувањето на воздухот. Покрај тоа, ќе заштедите време и пари при транспортот од една до друга локација, вешто избегнувајќи го метежот во сообраќајот.

проф. Ангелче Гушев

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*