Home / Индивидуални спортови / Шаховска игра

Шаховска игра

Не постојат сигурни податоци за времето на настанување. Најверојатно играта се појавила пред повеке од 2000 години. При археолошките ископувања во Узбекистан биле најдени две фигури изработени од слонова коска, идентификувани како шаховски фигури, а датирани во времето на владеење на царот Хувишке (II век). Во V век во Индија настала посебна врста на воена игра на дрвена плоча која на санскрит го носи називот „чатуранга“, а што значи четвороделен. Чатуранга, далечниот предок на денешниот шах, била игра која го одразувала поредокот на тогашната индиска војска, а која ја сочинувале 4 рода: пешадија, коњица, слонови и борни коли, а во средината се наоѓа раџа (крал) и неговиот советник мантрин (денешна кралица). Движењето на фигурите се одредувало со фрлање на коцка. Во VI век играта била прифатена од Персиците („чатранг“), а од нив ја презеле во VII век Арапите и нарекувајќи ја „шатранџ“, во IX век ја пренеле во Шпанија. Според некои истражувачи, шахот води потекло од Кина или Средна Азија.
Во новиот век била создадена легендата според која шаховската игра се припишува на грчкиот јунак Паламед. Според легендата тој ја измислил играта за време на тројанската војна за да ја разбие досадата во текот на десетгодишната опсада. Сигурно е дека Грците и Римјаните не го познавале шахот. Шаховските фигури, освен кралот и кралицата, ги симболизираат четирите рода на војската: пешадија, коњица, слонови и бојни коли. Таа симболика во преводите на разни јазици со текот на времето се изгубила. Пионот или пешакот во германскиот е „der Bauer“ (селанец), во англискиот „pawn“, збор кој потекнува, преку англо-норманскиот и францускиот, од латинскиот „pedon“, што значи војник припадник на пешадија.
Фигурата „коњаник“ (или витез) сѐ уште така се нарекува во англискиот јазик. Во рускиот јазик е коњ, во хрватски јазик „skakač“, а во македонски се користи коњ или скокач.
Индиската фигура која го симболизира слонот, во Русија и денес се нарекува слон. Во Германија е „der Läufer“, што значи тркач. Во македонскиот јазик се користи терминот „ловец“ или пак „лауфер“, а во англискиот, „bishop“ (бискуп), можеби поради сличноста на формата со бискупската капа. Борната кола, чиј стар назив бил „кула“, а се однесувал на дрвената кула која се користела при опсадите, денес, веројатно како промена во техниката на војувањето, е заменета со топ. Кралот, персиски „шах“, и го дал името на играта. До кралот стои фигура која на персиски се нарекува „ферз“, што значи канцелар или везир. Овој назив се користи и во Русија. Во Европа ферз го сменил полот и се претворил во кралица или дама.  Во рамките на оваа статија ви преставуваме и една презентација која во целост ќе ви помогне во совладувањето на шаховската игра:  Шах -презентација.

м-р Ангелче Гушев

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*