Home / Колективни спортови / Принципи во одбраната и нападот во ракометната игра

Принципи во одбраната и нападот во ракометната игра

Ракометот е колективна и комплексна спортска игра во која играат седум играчи. Во ракометот доминираат апсолутната снага, брзината, подвижноста, скоковите, прецизноста и други параметри кои се изведуваат во анаеробно- аеробни услови. Тоа е многу популарна и распространета игра, која се игра во голем број земји во светот. Популарноста пред се е условена од атрактивноста која се манифестира низ снажни, јаки и прецизни шутеви на гол, брзи и нагли промени на правецот на движење, брза промена на фазите одбрана и напад, и одлични и неверојатни одбрани на голманите.
Ракометот е спортска игра која позитивно делува на кардиоваскуларниот и респираторниот систем, на централниот нервен систем и други органи, што значи дека овозможува хармоничен развој на личноста. Ракометот како спортска игра е застапена на олимписките игри, на светски и континентални првенства во машка и женска конкуренција. Клубовите се натпреваруваат во Лига на шампиони, Куп на купови, Челинџ куп и ЕХФ куп како и во домашни (национални) првенства. Денешниот ракомет е спортска игра која со тек на времето постепено се надградува и развива на полето на физичка, техничка и тактичка припрема. Побарувањата во ракометот од ден да ден се се поголеми и затоа треба да се приоѓа од научен аспект, посебно во процесот на селекција каде треба да вршиме селектирање на децата за ракомет кои во иднина треба да станат играчи кои поседуваат изразити физички и интелектуални способности, подвижност и брзина. Доколку сакаме поголеми и подобри резултати на разни натпреварувања неопходно е тренажниот процес во ракометот да го базираме на светските научни достигнувања.

2. Поделба на основните принципи во спотрскиот тренинг
Во теоријата и методиката на спортскиот тренинг посебно значење им се дава на утврдените почетни принципи за ефикасно управување, водење и контрола во процесот на спортските припреми. Основни принципи на спортскиот тренинг не можат да се применуваат поединечно туку како целина затоа што само така можат да се опфатат сите аспекти во тренажната работа. Основните принципи на спортскиот тренинг се делат на три групи:
– Физиолошки принцип
– Дидактички принцип
– Психолошки принцип
2.1. Физиолошки принцип
– Насоченост на тренингот
– Континуираност на тренингот
– Поврзаност на програмата за спортски припреми
– Прогресија на оптоварување
– Периодично оптоварување
– Цикличен тренинг
2.2. Дидактички принцип
– Принцип на свесна активност
– Принцип на очигледност
– Принцип на систематичност и постапност
– Принцип на индивидуален пристап
– Принцип на воспитност
– Принцип на сестраност
– Принцип на постапност
2.3. Психолошки принцип
– Принцип на заинтересираност
– Принцип на позитивни емоции
– Принцип на психофизичка рамнотежа
– Принцип на истрајност
– Принцип на мотивираност
– Принцип на свесност

3. Основни принципи во напад во ракометот
При реализација на нападот треба да се располага со технички и тактички спремни играчи кои што треба да се придржуваат до одредени правила доколку сакаме да имаме висок процент на успешно реализирани напади.
Принципите во напад можат да се поделат во две групи зависно од тоа дали одбраната е формирана или не:
– Принцип во напад на формирана одбрана
– Принцип во контранапад и продолжен контранапад

4. Принцип во напад на формирана одбрана
Принципите во напад на формирана одбрана можат да се поделат на:
1. Принцип на ширина во напад
2. Принцип на длабочина во напад
3. Принцип на брзо движење на топка
4. Принцип на движење на играчите
5. Принцип на промена на ритам и темпо
6. Принцип на постојани траења во напад
7. Принцип на создавање на вишок играч
8. Принцип на брз премин од одбрана во напад

4.1. Принцип на ширина во напад:
Под овој принцип се подразбира распоредот на играчите во фазата на напад да биде таков за да се покрие целата ширина во нападот, а посебно местата кои што имаат одредени степени на предност и ефикасност во однос на противникот. Принципот на ширина го остваруваат играчите од предната линија (посебно крилата) и левите и десните бекови. Правилниот распоред на играчите во напад, покриен со целиот простор на ширината во напад, овозможува поголема можност за надигрување. За во целост да се задоволи овој принцип на ширината на нападот важно е на располагање да се има способни играчи на сите позиции опасни по гол.
4.2. Принцип на длабочина во напад:
Ваквиот принцип се остварува со правилен распоред на играчите, во овој случај по длабочина. За играчите од една екипа да бидат успешни во фазата во напад на организирана одбрана, неопходно е да ја покријат целата зона на шут по гол. Тоа значи дека играчите треба да се наоѓаат на 12-15 метри оддалечени од гол. Тоа место го завземаат играчите кои играат на надворешни позиции. Практично овој принцип на длабочина се остварува на растојание од 6-9 метра меѓу играчите од предна и надворешна позиција. Овој принцип обезбедува успешна реализација на напад од далечина и подобра соработка со средната линија (крила и пивот). Овде е многу важен факторот на движењата на играчите во напад било со или без топка. Успехот би бил поголем доколку во напад се располага со играчи кои што се ефикасни на далечина од 9-11 метра од голот.
4.3. Принцип на брзо движење на топка:
Примената на принципот на брзо движење на топка е важен за екипата во групната игра во напад. Динамичноста во фазата на напад може да се постигне само ако топката брзо и прецизно се пренесува меѓу играчите. За целосна примена на овој принцип потребно е топката да се додава на играч кој што е во најдобра позиција, без задржување, непотребни потези и непотребни финтирања. Сето ова покажува дека играчите во напад треба да поседуваат широк репертоар на техничко-тактички елементи при додавањето на топката.
4.4. Принцип на движење на играчите:
Овој принцип претставува основа за добра и успешна организација во напад. Применувањето на овој принцип укажува на константното движење на играчите со или без топка, вкрстувања, блокирање и деблокирање и втрчување. Во основа овој принцип се заснова на брзи движења после брз старт, а тоа најдобро се изведува со брзи и рационални движења со нозете.
4.5. Принцип на промена на ритам и темпо во игра:
Овој принцип има одредена важност при ефикасноста во нападот. Промената на ритамот и темпото може да го оствари еден, повеќе или цела екипа во целина. Тоа се овозможува со изведување на одредени тактичко-технички елементи во различни комбинации (водење на топка, финта, влез и шут). Во првата фаза на овие движења играчот обично прави спори, лажни движења, за во завршната фаза да го изведе со максимална брзина. При органзација на групен напад првиот дел на движење го прави еден или два играчи по забавено, за последната или завршна фаза да биде брза, точна и успешна. За успешна реализација на овој принцип многу е важна севкупната техничко-тактичка подготвеност на сите играчи во напад, висок степен на воиграност и големата моќ на предвидување и чувство на соиграчите кои што ја поседуваат топката.
4.6. Принцип на постојани траења во напад:
Принципот на оптимални траења ги опфаќа современите правила во ракометот. Должината на долгите напади зависи од повеќе причини (брза организација во напад, промена на играчите, моменталниот резултат и др). Меѓутоа, основен услов за реализација на овој принцип е техничко-тактичката подготвеност на двата тима. Доколку одбраната функционира беспрекорно и без фаули, тогаш играчите во напад доаѓаат во ситуација да им биде одземена топката поради пасивна игра, или на другата страна, доколку играчите во напад почесто со своите акции изнудуваат прекшоци, често влегуваат во шанса, тогаш нападот може да трае и подолго.
4.7. Принцип на создавање на вишок играч во напад:
Овој принцип припаѓа на групи на најзначајни начела при огранизација во напад на формирана одбрана. Добро спроведените фази на активен напад доведува до ситуации кога еден од играчите во напад е вишок. Тој вишок обично се остварува на крилните позиции, меѓутоа може да се оствари и на надворешните позиции или кај пивотот. Вишок играч се остварува со брза, сигурна, течна и синхронизирана игра во напад. Треба да се напомене дека степенот на ефикасност во вакви организирани напади е доста висок.
4.8. Принцип на брз премин од одбрана во напад:
Применувањето на овој принцип е важен затоа што често ваквата игра доведува и до поволен резултат. Екипата која што била во одбрана, после одземањето на топката, без прекин тргнува во напад на начин на кој што се подготвувала. Секоја екипа, без разлика на ситуацијата на теренот, треба непрекинато да напаѓа кон голот на противникот, со добро огранизиран контра напад, кој што има највисок степен на ефикасност.

5. Принцип на контранапад и продолжен контранапад
Пред да почнеме да го обработуваме принципот на контранапад, мора да се напомене дека многу автори не прават разлика помеѓу контранапад и продолжен контранапад. Меѓутоа има познавачи на ракометот кои што сметаат дека контранападод е една фаза, а продолжениот контранапад е друга фаза. Затоа се поставува прашањето: Кога започнува продолжен контранапад? Некои сметаат дека тоа е момент кога топката ќе се врати назад од одредени причини, а некој од играчите непречено трча во полн залет према гол. Принципот на продолжен контранапад може да се објасни и како акција на време додека некои од одбранбените играчи не направил прекршок. Продолжен контранапад многу често се прави импровизирано, зависно од ситуацијата на теренот, меѓутоа уиграните кратки комбинации понекогаш можат да бидат многу корисни. Принципите на контранапад мора да се почитуваат и да се применуваат бидејќи процентот на реализирани напади на неформирана одбрана е многу голем, затоа што на играчите во одбрана им е многу тешко да ги спречат играчите кои што одат во контранапад.
Основни значења и правила кои што мораат да се применуваат во контранападот се:
– Секој напад да се започнува со контранапад, ако за тоа постојат услови, и со тоа играта станува подинамична и поинтересна;
– Секој играч од нападот учествува во организацијата и реализацијата во контранападот и продолжен контранапад, што дава повеќе шанси за создавање вишок играч;
– Топката треба да се додава на слободните играчи кои што се најблиску до противничкиот гол;
– Топката треба да се додава дијагонално и потоа следува промена на правец, доколку играчот е слободен од противникот;
– Додавањето на топката треба да биде правовремено, технички и тактички исправно, а тоа значи да биде доволно брзо и точно, за да може играчот кој што ја прима да не го успорува движењето при прифаќањето на топката;
– Водење на топката не треба да се применува доколку е неопходно, затоа што им овозможува на одбранбените играчи да се консолидираат;
– Доколку во контранападот истовремено одат повеќе играчи, важно е да се задоволи принципот на ширина;
– Во контранапад и продолжен контранапад треба да се користи промена на местата, вкрстување, блокирање, поготово доколку бројот на противнички играчи е поголем или ист;
– Не смее да се дозволи противничкиот играч да го запре нападот со прекршок;

6. Основни принципи во одбрана во ракометот
Успешноста во решавањето на задачите во одбрана е можна само ако играчите се добро технички, тактички и физички подготвени за напорот кој следи во организирањето на одбраната каде што владеат и се применуваат сите принципи во одбрана. Одбраната најчесто се организира во зависност од нападите кои што ги спроведува противничката екипа. Придржувањето на основните принципи во одбраната се неизбежни бидејќи само така можат да се остварат добри резултати во фазата на одбрана, и само така може да се има поголем степен на успешна одбрана.
Принципите во одбрана можат да се поделат на:
1. Принцип на ширина во одбрана
2. Принцип на длабочина во одбрана
3. Принцип на густина во одбрана
4. Принцип на еластичност во одбрана
5. Принцип на правовременост и економичност
6.1. Принцип на ширина во одбрана:
Принципот на ширина во одбрана бара просторот односно ширината од едниот до другиот мртов агол да биде колку што е можно подобро покриена, за противничкиот играч да не би можел лесно да шутне од крилна позиција. Ваквиот принцип во пракса се остварува со брзи, бочни движења на играчите. Овој принцип се применува кај екипите кои што имаат послаба задна, а појака предна линија или доколку екипата има голман кој послабо ги брани шутевите од крилна, а подобро од бековска позиција.
6.2. Принцип на длабочина во одбрана:
Овој принцип се реализира со цел да се спречат играчите кои имаат снажни, прецизни и ефикасни шутеви од поголема далечина. Неопходно е да се обезбеди и оној дел од теренот во кој се наоѓа и т.н. зона на шут. Таа оддалеченост некогаш е плитка до 10 метри, а некогаш е неопходно играчите од напад да се чуваат и на поголема далечина дури до 13-14 метри. Тоа значи дека длабокиот распоред на играчите (во зонска или комбинирана одбрана), го намалува степенот на ефикасност на играчите со снажни шутеви. Во пракса, играчите кои се наоѓаат пред основната формација, се подвижни, брзи, технички и физички спремни.
6.3. Принцип на густина во одбрана:
Ваквиот принцип е многу важен, затоа што со овој принцип се остварува висока соработка на играчите во одбрана. Правовремената и брза трансформација на одбраната постигнува голема густина во моментот кога противничкиот играч оди на шут кон гол, и обезбедува голема сигурност во одбраната. Потребната густина треба да го обезбеди правецот во кој се движи играчот во напад со топка, а истовремено и просторот на линијата од 6 метри. Високиот степен на потребната густина во одбраната се остварува со добра соработка на играчите од предна и задна линија.
6.4. Принцип на еластичност во одбрана:
Во современиот ракомет принципот на еластичност претставува значаен фактор за успешна колективна одбрана. Подвижноста на играчите и нивната добра соработка претставува услов за добра подвижност на одбраната. Високите и слабо подвижни играчи не се во можност да ја обезбедат потребната еластичност во одбраната. Брзиот и добро организиран напад ги принудува играчите во одбрана да се движат повеќе за да можат да го стигнат и спречат противничкиот напад. Овој принцип доаѓа до израз доколку нападот е поорганизиран и доколку топката се движи со максимална брзина при подавањето.
6.5. Принцип на правовременост и економичност:
Ваквиот принцип пред се се гледа во прилагодливоста на одбраната од противничкиот напад. Играчите во одбрана треба секогаш правовремено и адекватно да одговорат со својата одбрана на подвижноста на играчите од противничкиот напад. Одговорот, односно реакцијата изразена со движењата на поединци, групи, или целиот тим, треба да се изврши навреме, без задоцнување или не предвремено, односно сите движења треба да бидат рационални. Непотребните и пребрзи вишок потези се нееокномични и заморни. На пример кога противничкиот напаѓач се спрема за активен напад (позициона игра), во принцип играчите во одбрана треба да се одмараат, а не непотребно да се заморуваат. За да се исполнат во целост горенаведените задачи е доста тешко, така што подобри решенија би дала екипата која што во својот состав има добри технички, физички и психички по подготвени поединци.

Заклучок
Од сето ова изнесено до сега можат да се ивлечат одредени вредности, кои што се многу важни за спортскиот тренинг во ракометот. Теоретското познавање на принципите во ракометот и спортскиот тренинг е многу важно, меѓутоа и практичната примена на наведените принципи за мене имаат многу големо значење во самиот тренажен процес. Доколку не ни се познати основните физиолошки принципи тогаш доаѓа до неправилна, а понекогаш и штетна работа при што се губи смислата на физиолошките принципи во тренажниот процес, затоа што не постои насоченост, континуираност, прогресивност и цикличност на тренингот, што само по себе допринесува за неправилен развој на играчите.
Познавањето на дидактичките принципи (наставни и педагошки), доведува до правилен развој и напредок на играчите. Овде тренерот (педагогот) одбира и пронаѓа средства и методи со кој би вршел обука на начин таков каков што бараат наставните принципи: воспитност, свесност, очигледност, систематичност, постапност и сестраност.
Високите резултати во ракометот се можни, само ако на располагање се има технички, тактички, физички и психички подготвени играчи кои покрај сето ова се и теоретски и практично добро обучени за применување на основните принципи во ракометот.

 

м-р Ангелче Гушев

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

Download Premium Magento Themes Free | download premium wordpress themes free | giay nam dep | giay luoi nam | giay nam cong so | giay cao got nu | giay the thao nu